• петок, 03 јануари 2025

Израел ги предупреди Хутите дека им се заканува судбината на Хамас и Хезболах

Израел ги предупреди Хутите дека им се заканува судбината на Хамас и Хезболах

Њујорк, 31 декември 2024 (МИА) - Амбасадорот на Израел во Обединетите нации Дени Данон вчера издаде „последно предупредување“ до проиранските Хути во Јемен да ги запрат нивните ракетни напади врз Израел, велејќи дека им се заканува истата „бедна судбина“ како Хамас, Хезболах и сирискиот претседател Башар ал Асад.

Амбасадорот, исто така, го предупреди Техеран дека Израел може да ја нападне која било цел на Блискиот Исток, вклучително и Иран. Тој додаде дека Израел нема да толерира напади од ирански посредници.

Но, само неколку часа по предупредувањето, израелската армија соопшти дека пресретнала проектил од Јемен, поради што биле активирани алармите за предупредување  ширум земјата, а лидерот на Хутите рече дека групата нема да ги прекине нападите врз Израел.

„Ракетирањето на ентитетот (Израел) продолжува и поддршката за Газа продолжува“, напиша шефот на Врховниот револуционерен комитет на Хутите, Мохамед Али ал-Хути, во објава на социјалната мрежа Х, откако израелската војска објави дека пресретнала проектил од Јемен.

Хутите редовно вршат напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Израел, што тие го нарекуваат чин на солидарност со Палестинците, кои се под израелски напад во Газа.

Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Данон додаде дека Израел нема да толерира дополнителни напади на Хутите.

-Хути, веројатно не обрнавте внимание на тоа што се случи на Блискиот Исток минатата година, рече тој.

„Да ве потсетам што се случи со Хамас, Хезболах, Асад, сите оние кои се обидоа да не уништат. Ова нека биде вашето последно предупредување. Ова не е закана. Ова е ветување. Ќе ја делите истата бедна судбина“, изјави Данон.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела ги предупреди Хутите дека Израел „штотуку почнува“, откако изврши неколку напади врз цели на Хутите во Јемен, вклучувајќи го аеродромот во Сана, пристаништата на западниот брег на земјата и две електрани.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан