• среда, 13 ноември 2024

Израел бара оставка од шефот на УНРВА по откривањето на тунелот на Хамас под седиштето на агенцијата

Израел бара оставка од шефот на УНРВА по откривањето на тунелот на Хамас под седиштето на агенцијата

Тел Авив, 11 февруари 2024 (МИА) - Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го повика шефот на Агенцијата на ОН за бегалци (UNRWA) Филип Лазарини да поднесе оставка по објавата на Израел дека е пронајден тунел на Хамас под евакуираното седиште на агенцијата во градот Газа.

На платформата X, Кац го отфрли тврдењето на Лазарини дека не знаел за тунелот, велејќи дека тоа е „не само апсурдно, туку и навредливо за здравиот разум“ и дека „императив е итна оставка“.

Лазарини, кој е веќе под притисок по израелските тврдења дека вработени во агенцијата биле вклучени во нападите на Хамас во јужен Израел на 7 октомври, рече дека агенцијата не работи во седиштето од 12 октомври и повика на независна истрага.

Хамас претходно ги негираше израелските тврдења дека ископал огромна мрежа на тунели под училиштата, болниците и друга цивилна инфраструктура за да ги прикрие своите активности.

Израелската војска и безбедносната агенција Шин Бет соопштија дека операциите во градот Газа во последниве недели доведоа до откривање на отвор на тунел покрај училиште управувано од УНРВА.

Влезот водел до подземен тунел за кој се вели дека е важен за разузнавањето на Хамас и „поминува под зградата која служи како седиште на УНРВА во Појасот Газа“.

Електричната инфраструктура во тунелот, 18 метри под земја и долг 700 метри, била поврзана со седиштето на агенцијата, што „сугерира дека капацитетите на УНРВА го снабдувале тунелот со електрична енергија“.

Документите и оружјето во седиштето на агенцијата „потврдија дека канцелариите всушност биле користени и од терористите на Хамас“, се вели во заедничкото соопштение.

Кац тврди дека откривањето на тунелот ја покажува „длабоката врска“ на УНРВА со Хамас.

Седиштата на ОН се сметаат за „неприкосновени“ според меѓународното право и „се имуни од претрес, заплена, конфискација, експропријација и каква било друга форма на мешање“.

Лазарини на платформата Х напиша дека вработените морале да го напуштат седиштето во градот Газа врз основа на инструкциите на израелските сили бидејќи бомбардирањето се засилило и тие не се вратиле и дека не го користеле откако заминале и не биле свесни за активности што се одвивале таму.

Комплексот последен пат беше проверен во септември минатата година, а откривање на какви било сомнителни простории под седиштето на УНРВА е пријавено до властите во Газа под контрола на Хамас и Израелците и тоа беше објавено јавно, рече Лазарини.

Тој додаде дека израелските власти официјално не ја информирале агенцијата за тунелот, но таа дознала за тоа од медиумите.

ОН покренаа две одделни истраги против агенцијата, првата за наводите дека 12 нејзини вработени веројатно учествувале на некаков начин во нападите врз Израел на 7 октомври и втората за севкупната политичка неутралност.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја брани агенцијата, тврдејќи дека таа е „рбетот на помошта“ во Газа.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен исто така оцени дека таа игра „апсолутно незаменлива улога во обезбедувањето на мажите, жените и децата да ја добијат помошта што им е очајно потребна“. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан