• сабота, 23 ноември 2024

Израелците добија инструкции: Исчистете ги засолништата, бидете подготвени за повеќедневен престој

Израелците добија инструкции: Исчистете ги засолништата, бидете подготвени за повеќедневен престој

Тел Авив, 2 август 2024 (МИА) - Поради растечките регионални тензии, израелските граѓани добија инструкции за постапување во случај на напад врз земјата, а супермаркетите забележаа зголемување на продажбата на основни намирници.

Израелскиот синџир супермаркети Виктори соопшти дека продажбата на некои производи се зголемила за 30 проценти во споредба со редовната продажба. Според Си-Ен-Ен, луѓето најмногу купуваат конзервирана храна, житарки, тестенини, тоалетна хартија, замрзнато месо, флаширана вода и хигиенски марамчиња.

Општината Ерусалим издаде инструкции за граѓаните што да прават во случај градот да биде нападнат, дистрибуирајќи список на паркинзи што ќе се користат како засолништа и список на подготвени засолништа. Според Си-Ен-Ен, граѓаните треба да можат да стигнат до засолништата за 90 секунди.

„На жителите им се советува однапред да ги исчистат и подготват своите засолништа“, се вели во инструкциите.

Исто така, жителите треба да обезбедат лекови, доволно вода и храна за три дена, како и да купат батерии и светилки.

„Жителите треба да бидат подготвени на прекини на струја што може да траат неколку дена. Исто така, треба да бидат подготвени да останат во засолништата неколку дена“, се додава во инструкциите.

Поради ова, дојде и до прекини на летовите во и од Израел, а Ер Индија стана последниот меѓународен превозник што ги суспендираше услугите за Тел Авив.

Врховниот лидер ајатолах Али Хаменеи изјави дека е „должност“ на Иран да ја одмазди смртта на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, атентат за кој Иран го обвини Израел. Според Њујорк Тајмс, кој се повикува на информации од три ирански официјални лица, Хаменеи издал наредба Иран директно да удри врз Израел по убиството. Израел ниту го потврди, ниту го негираше учеството во смртта на Ханија. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан