• вторник, 24 декември 2024

Израелско Министерство за надворешни работи: Досега добивме поддршка од 84 земји во светот

Израелско Министерство за надворешни работи: Досега добивме поддршка од 84 земји во светот

Тел Авив, 8 октомври 2023 (МИА) - Израелското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека досега 84 земји и нации објавиле соопштенија за поддршка на Израел.

Многу земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Австралија, Франција, Норвешка и Австрија, објавија изјави во кои ги осудуваат нападите и го поддржуваат правото на Израел на самоодбрана, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен во изминатите 24 часа разговарал со 17 министри за надворешни работи, главно од Европа. Тој одржа брифинг и за странски дипломати во Израел, како и за израелски дипломати во странство.

Од почетокот на нападот, израелските дипломати дале 180 интервјуа на странски новинари и објавиле повеќе од 580 објави на англиски, шпански, арапски, фарси и руски, според „Тајмс оф Израел“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџа Мелони и британскиот премиер Риши Сунак денеска ја изразиле својата поддршка за Израел, пренесе Си-Ен-Ен.

Нетанјаху рече дека шефовите на европските држави „искажале безрезервна поддршка за правото на Израел да се брани на потребниот начин“.

Израел од денеска и официјално е во воена состојба, а Хамас вели дека нема да се зборува за примирје додека продолжуваат нападите врз цивили. Анализите за тоа што би можело да се случи во следните денови не исклучуваат ниту копнена интервенција на Израел во Газа, ниту проширувањето на конфликтот во регионот. Што се однесува до конфликтот, тој веќе однесе повеќе од илјада животи, додека неколку илјади се повредени.

Кабинетот за безбедност на Израел изгласа дека земјата официјално е во воена состојба и дека може да изврши „значајни воени активности“, соопшти денеска кабинетот на премиерот, пишува „Тајмс оф Израел“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху веќе изјави дека „земјата е во војна откако терористите на Хамас се инфилтрираа во јужен Израел, убивајќи стотици Израелци“.

Одлуката на Високиот кабинет за безбедност на декларацијата и дава правен статус во согласност со Основниот закон бидејќи во членот 40 стои дека земјата не може да војува без одлука на владата.

Во Израел продолжуваат масовните напади на двете страни. Израелските сили го гранатираа градот Газа и палестинската територија под управа на Хамас, додека Хамас ги нападна јужните и централните делови на Израел. ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан