Израелски ракети ја погодија болницата Ал-Ахли во Газа
- По нападот, болницата под управување на арапската баптистичка заедница започна евакуација на пациентите, откако едно лице добило повик од човек кој се претставил како припадник на израелската безбедносна служба, непосредно пред нападот. Според извештаите на цивилната служба за итни случаи, нема пријавени жртви.

Газа, 13 април 2025 (МИА) - Два израелски проектила погодија зграда во рамките на главната болница Ал-Ахли во Газа, уништувајќи ја службата за итна помош и приемното одделение, а истовремено предизвикаа и штета на други делови од објектот, соопштија лекари од болницата.
По нападот, болницата под управување на арапската баптистичка заедница започна евакуација на пациентите, откако едно лице добило повик од човек кој се претставил како припадник на израелската безбедносна служба, непосредно пред нападот. Според извештаите на цивилната служба за итни случаи, нема пријавени жртви.
Портпарол на израелската армија изјави дека војската го истражува инцидентот.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледаат десетици луѓе како ја напуштаат болницата, од кои некои ги влечат своите болни роднини на болнички кревети. Медиумската канцеларија под контрола на Хамас го осуди нападот, обвинувајќи го Израел дека намерно го уништува здравствениот систем на Газа.
Израел тврди дека Хамас користи цивилни објекти, вклучително и болници, за воени цели, што милитантната група го негира. Израелските сили спроведоа неколку рации во медицински установи во Појасот Газа.
Во октомври 2023 година, Хамас го обвини Израел за смртоносна експлозија на паркинг во кругот на болницата Ал-Ахли, додека Израел тврди дека експлозијата била резултат на неуспешно лансирање ракета од страна на палестинската група Исламски џихад. Тоа подоцна го заклучи и „Human Rights Watch“ по спроведена истрага. Групата ја негираше одговорноста. ссм/
фото: ЕПА