• четврток, 26 декември 2024

Израелски бизнисмен баран со романска потерница уапсен, па ослободен во Атина

Израелски бизнисмен баран со романска потерница уапсен, па ослободен во Атина

Атина, 14 октомври 2024 (МИА) – Израелскиот бизнисмен Бени Штајнмец синоќа бил уапсен на атинскиот аеродром по издадена меѓународна потерница од романските власти, меѓутоа денеска бил ослободен бидејќи веќе постои одлука на грчкиот суд против негова екстрадиција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според неофицијалните информации во Грција, израелскиот тајкун кој се занимава со рударството, енергетика, недвижностите и индустриите за ископување дијаманти, бил уапсен откако на аеродромот во Атина пристигнал од Тел Авив со неговиот приватен авион.

Меѓународната потерница од романските власти се однесувала на негово учество во криминална организација и по донесената пресуда во отсуство за купување на земјиште во периодот 2006-2008 година.

Од грчката полиција, засега, нема официјално соопштение за апсењето на израелскиот бизнисмен.

Медиумите во Грција пренесуваат изјава на адвокатот на Штајнмец, Ставрос Тојас, кој објаснува дека постои одлука на Апелациониот суд во Атина од 2022 година, која неотповикливо е против неговата екстрадиција во Романија, признавајќи му го правото слободно да патува.

-Потерницата од романските власти за екстрадиција на Бени Штајнмец е прогласена за неважечка од Интерпол, Грција, Италија и Кипар. Истото се случи и со другите обвинети заедно со г-дин Штајнмец во истиот случај, по кои нивните налози за апсење не беа спроведени во Франција, Белгија и Малта. Така, бројот на европските земји кои ги отфрлија правно неоснованите барања на романската правда во овој случај достигна шест. Затоа, Бени Штајнмец беше ослободен додека и формално не се реши прашањето, истакнал адвокатот.

Според „Катимерини“, ослободен е со кауција од 5.000 евра и забрана за излез од земјата.

Пред една година бил уапсен и на Кипар врз основа на потерницата од романските власти, но и тогаш бил ослободен.

Штајнмец, во минатото според натписите во македонските медиуми бил еден од сопствениците на фабриката „Фени“, а новинарите од ИРЛ и ОССРП во нивното истражување откриле дека двапати истото лице со мала група негови пријатели, стои зад двојниот стечај на топилницата. ср/сд/

Фото:  The Jerusalem Post

Остани поврзан