• вторник, 19 ноември 2024

Израелски амбасадор: Израел не сака копнена офанзива против Либан

Израелски амбасадор: Израел не сака копнена офанзива против Либан

Њујорк, 24 септември 2024 (МИА) - Израел не сака копнена инвазија на Либан и повеќе би сакал да има дипломатско решение за прекин на конфликтот со Хезболах, изјави денеска израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон.

-Имавме искуство со Либан во 2006 година. Немаме желба за копнена инвазија никаде. Не сакам да го испратам мојот син таму. Не сакаме да ги испраќаме нашите момчиња да се борат во странска земја, рече израелскиот дипломат на маргините на годишната сесија на Генералното собрание на ОН.

Данон, сепак, додаде дека Израел ќе стори се што е потребно за да го запре ракетниот истрел кој раселува десетици илјади Израелци од северот на земјата.

-Ние претпочитаме дипломатско решение, но ако не успее, користиме други методи за да и покажеме на другата страна дека сме сериозни, рече израелскиот амбасадор, додавајќи дека ќе се направи се за жителите на северот да се вратат во нивните домови.

Тој ги даде коментарите една недела по брзата ескалација на непријателствата меѓу Израел и либанската екстремистичка група Хезболах, вклучително и бранот израелски воздушни напади вчера во кои загинаа повеќе од 550 Либанци.

Данон објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се уште планира да зборува во ОН оваа недела на годишниот состанок на светските лидери, но додаде дека „работите се динамични.

Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху на седницата ќе зборува в четврток, наместо во петок како што беше првично планирано, со цел веднаш да се врати во Израел.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека Хезболах претрпел „исклучително сериозни удари“ и дека Израел има подготвено дополнителни напади.

Зборувајќи со војниците по вежбата за симулација на копнена офанзива на Либан, Галант оцени дека Хезболах денес не е она што беше пред една недела и дека ударите со кои се соочува во командата и контролата меѓу оперативците и оружјето се крајно сериозни. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан