• среда, 25 декември 2024

Израелскиот министер за одбрана се противи на идејата поствоена контрола на Израел врз Газа

Израелскиот министер за одбрана се противи на идејата поствоена контрола на Израел врз Газа

Тел Авив, 15 мај 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека нема да прифати Израел да преземе воена или цивилна контрола врз палестинската територија на Појасот Газа кога ќе заврши војната.

-Јасно повторувам дека нема да прифатам формирање на израелска воена администрација во Газа. Израел не смее да има цивилна контрола над Појасот Газа, рече Галант на прес-конференција.

Министерот смета дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху мора да донесе тешки одлуки за управувањето со Газа што не го вклучува Хамас за да нема ерозија на достигнувањата во војната и заради долгорочна израелска безбедност.

Тој оцени дека во интерес на Израел е Газа да биде управувана од локални Палестинци, кои не се со Хамас.

Нетанјаху, додаде министерот за одбрана, мора јавно да ја исклучи идејата за израелско владеење во Појасот Газа.

Според Галант, воените достигнувања на Израел ќе бидат поткопани доколку не успее да најде замена за Хамас во Газа, бидејќи членовите на оваа екстремистичка организација успеваат да се прегрупираат и да управуваат, пишуваат израелските медиуми.

-Се додека Хамас одржува цивилна контрола во Појасот Газа, може да ја врати својата моќ. Мораме да ги елиминираме способностите за управување на Хамас. Клучот за тоа е воената активност и формирањето на алтернативен ентитет. Без таа алтернатива останаа само две лоши нештата - владеење на Хамас или израелско воено управување, предупреди Галант.

Доколку не се донесат одлуки, меѓу другото, се саботираат шансите да се постигне „рамка за ослободување на заложниците“, изјави израелскиот министер за одбрана.

Тој тврди дека со месеци наназад, на состаноците на безбедносниот кабинет, ја покренувал темата за изнаоѓање замена за Хамас, но бил одбиван и дека „сега се развива опасен тренд и се засилува идејата за израелската воена и цивилна администрација во Газа. "

„Тоа е опасна алтернатива за државата Израел. Израелската воена администрација ќе стане главен безбедносен напор на Израел во годините што доаѓаат, тоа ќе не чини крв и многу непотребни жртви и исто така ќе наметне висока економска цена“, рече Галант, додавајќи дека нема да се согласи со тоа.сд/

Остани поврзан