• среда, 18 декември 2024

Израелската полиција уапси три лица во врска со ракетите испукани кон резиденцијата на Нетанјаху

Израелската полиција уапси три лица во врска со ракетите испукани кон резиденцијата на Нетанјаху

Ерусалим, 17 ноември 2024 (МИА) - Израелската полиција соопшти дека уапсила три лица во врска со синоќешните лесни ракети во вилата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во крајбрежниот град Цезареја, соопштија денеска израелската служба за безбедност Шин Бет и полицијата. 

-Синоќа беа уапсени тројца осомничени за нивната вмешаност во инцидент што се случи во Цезареја и централниот дел на земјата, се вели во соопштението и се додава дека судот забранил објавување информации за истрагата и идентитетот на осомничените во рок од 30 дена. Израелските медиуми објавија дека еден од уапсените е висок воен резервист.

Надлежните укажаа дека премиерот и неговото семејство не биле во резиденцијата во моментот кога биле испукани двата ракети. Немаше повредени.

Полицијата не објави детали за идентитетот на осомничените, но властите посочија дека тие најверојатно се домашни политички критичари на Нетанјаху. Израелскиот претседател Јицак Херцог го осуди чинот и предупреди на алармантен тренд на „зголемување на насилството во јавната сфера“.

На видеото кое на социјалните мрежи го објави репортер на јавниот сервис Кан, се гледа дека лесните ракети се истрелани во воздух над домот на премиерот, а не кон него. Една ракета очигледно не функционирала и веднаш паднала на земја.

Нетанјаху со месеци беше предмет на масовни протести поради неговото справување со заложничката криза што уследи по нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинското движење „Хамас“ што ја поттикна сè уште немилосрдната војна во Појасот Газа.

Критичарите го обвинуваат Нетанјаху за безбедносен неуспех што овозможил нападот да се случи и дека поради него не може да се постигне договор за ослободување на десетиците израелски граѓани кои се уште се држат во заробеништво во Газа.

Минатиот месец дрон лансиран од либанското шиитско движење Хезболах ја погоди резиденцијата на Нетанјаху во Цезареја, но дури и тогаш тој и неговото семејство не беа таму. мс/

фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан