• недела, 24 ноември 2024

Израелската опозиција бара замрзнување на судските реформи за 18 месеци

Израелската опозиција бара замрзнување на судските реформи за 18 месеци

Ерусалим, 31 јули 2023 (МИА) - Лидерот на израелската парламентарна опозиција Јаир Лапид  побара од владата да ги замрзне судските реформи на 18 месеци доколку сака преговорите за консензусната формула да бидат обновени.

Минатата недела, десничарската коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху ги протурка првите елементи од својата реформа на израелското правосудство, настојувајќи да ја ограничи способноста на судиите да оспоруваат некои владини одлуки.

Нетанјаху, кого израелскиот претседател Ицак Херцог го повика да бара консензус, ги суспендираше своите реформи претходно оваа година за да разговара со опозицијата. Сепак, по неуспехот на разговорите, Нетанјаху продолжи со судските реформи, протуркајќи го законот во Парламентот минатата недела.

Во говорот пред Кнесетот (израелскиот парламент), лидерот на опозицијата рече дека владата доколку сака да ги продолжи преговорите за постигнување консензус, мора заедно со опозицијата да донесе закон за замрзнување на реформите за период од 18 месеци.

Лапид истакна дека е потребно двотретинско мнозинско за да се направат промени во тој период.

„Ако власта сака да постигне широк консензус, товарот на докажување е на неа. Сè додека нема замрзнување на законодавството, нема смисла ниту логика да се разговара за други закони или договори, бидејќи е сосема јасно дека владата повторно ќе бега во последен момент“, додаде тој.

Како одговор, владејачката партија Ликуд на Нетанјаху посочи дека е подготвена да преговара, но дека Лапид, кој накратко беше премиер минатата година, барал повеќе од нив отколку од Палестинците.

Амандманот ги ограничува овластувањата на Врховниот суд да поништи одредени владини одлуки доколку ги смета за „неосновани“.

Владејачката коалиција на Нетанјаху тврди дека промените во судството се потребни за да се спротивстави на „прекумерното мешање од страна на Врховниот суд“. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан