• четврток, 26 декември 2024

Израелската војска уби двајца Палестинци во бегалски камп во Ерихон

Израелската војска уби двајца Палестинци во бегалски камп во Ерихон

Тел Авив, 15 август 2023 (МИА) - Двајца Палестинци се убиени во израелска воена операција во Ерихон, во јужниот дел на Западниот Брег, наведоа болнички извори, пренесе ДПА.

Палестинската агенција ВАФА денеска јави дека 16-годишник и 25-годишник од локалниот бегалски камп Акбат Џабер биле застрелани и убиени. Во акцијата е уапсен 20-годишник.

Портпаролот на израелската армија рече дека извештаите се истражуваат.

Безбедносната ситуација во Израел и на Западниот Брег е веќе подолго време напната. Од почетокот на годината, 24 Израелци, еден Украинец и еден Италијанец се убиени во нападите на Палестинците, потсетува ДПА.

Во истиот период, 178 Палестинци се убиени, повеќето во израелски воени операции, или за време на насилни судири или во напади што самите ги изведуваат. Мнозинството се вооружени борци, но често пати, во воените операции страдаат и невини цивили, додава германската агенција.

Постојано има извештаи и за насилство од страна на израелски доселеници врз Палестинци, израелски активисти или војници.

Западниот Брег и Источен Ерусалим се под израелска окупација откако беа заземени со Шестдневната војна од 1967 година. Сега таму живеат повеќе од 600.000 израелски доселеници. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан