• среда, 25 декември 2024

Израелската армија објави дека уништила структури на Хамас во северниот дел на Појасот Газа

Израелската армија објави дека уништила структури на Хамас во северниот дел на Појасот Газа

Тел Авив, 7 јануари 2024 (МИА) - Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека во северниот дел на Појасот Газа е уништена воената структура на исламистичкото движење „Хамас“, јави ДПА.

Хагари рече дека Хамас имал две бригади со 12 полкови во северниот дел на Газа пред почетокот на војната пред три месеци.

-Таму имаше вкупно околу 14 илјади терористи, рече портпаролот, додавајќи дека од почетокот на борбите, биле убиени голем број команданти на Хамас, уништени се складишта за оружје и муниција, а израелските војници откриле и уништиле подземни тунели.

Само во бегалскиот камп Џабалија, израелската армија откри осум километри тунели со 40 влезови.

Хагари објасни дека Хамас повеќе не дејствува организирано во зоната.

-Во Џабалија се уште има терористи, но сега тие работат без рамка и без команданти, рече тој. Според него, сепак, од областа се уште се очекуваат спорадични ракетни напади врз Израел.

Израелската армија во моментов се обидува да ги уништи структурите на Хамас во централниот и јужниот дел на Појасот Газа. Според Хагари, процесот ќе потрае и борбите ќе продолжат во текот на целата година.

Досега, според Израел, се убиени околу осум илјади припадници на Хамас. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан