• понеделник, 29 јули 2024

Изработен проект за реконструкција на НУ Центар за култура Крива Паланка

Изработен проект за реконструкција на НУ Центар за култура Крива Паланка

Крива Паланка, 10 јануари 2024 (МИА) - Изготвен е проектот за нов изглед на НУ Центар за култура. Изработена и доставена до установата е проектно -техничката документација за реконструкција на зградата на оваа културна институција.

Проектот е изработен со средства од Министерството за култура, 800.000 денари и кофинансирање од 500.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка.

-Со изработката на проектно-техничка документација исполнет е условот во претстојниот период да се аплицира за реализација на проектот по фази. Центарот за култура нема спроведено поголеми инфрастуктурни интервенции речиси четири децении, а последен поголем инфраструктурен зафат е санацијата на кровната конструкција пред десетина години, додека санација на ентериерот на кино салата се изврши во 2022 година, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Финансиската поддршка за овој проект, предложен од општината, е обезбедена преку Програмата за користење средства за капитални дотации од Министерството за 2023 година, за единиците на локалната самоуправа во областа на културата.

Проектната документација опфаќа реконструкција на влезот и холот, кино салата, реконструкција на библиотеката, мултифункционален простор за камерни настани, набавка на аудио и визуелна опрема, нов систем за греење и ладење.

Тековната, 2024 година, општината може да аплицира за средства за реализација на првата фаза од проектната документација преку истата програма, како и преку Програмата на Министерството за култура за тековно одржување и други расположиви фондови.

Од општина Крива Паланка посочија дека се инвестира во културата, за подобрување на квалитетот и поддршка на институциите, бидејќи културата е важен сегмент што ја прави општината препознатлива, а вложувањата носат резултати, со бројни реализирани културни настани и манифестации што ги вбројува во градовите со најдобра културна програма во државата. ид/вг/

Фото: Општина Крива Паланка

 

Остани поврзан