• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Изработен Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор

Изработен Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - Здружението за еднакви можности Мрежа Стела во рамки на регионалниот проект „Defend the right to be yourself“ со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Франција, во Северна Македонија го изработи Прирачникот за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор.

Како што денеска соопштија од Тимот на Мрежа Стела, авторка на прирачникот е професорката Ангелина Станојоска од Правниот Факултет при Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Од Здружението за еднакви можности Мрежа Стела сметаат дека е потребно да се развијат стратегии за зголемување на свеста и заштита од ваквите форми на насилство, како и да се промовираат механизми за идентификување и справување со дезинформации и дигитално насилство врз родова основа.

- Овој Прирачник ќе им помогне на читател(к)ите преку практични и теоретски насоки да ги идентификуваат и да се справат со дезинформациите, лажните вести и родово-базираното насилство во дигиталниот простор. Исто така, нуди конкретни совети за заштита од дигитално насилство, процедури за пријавување и заштита и поддршка на жртвите, соопштија од Тимот на Мрежа Стела.

Во насока на справување со родовите дезинформации, како и препознавање и пријавување на формите на дигиталното родово-базирано насилство, Мрежа Стела досега има организирано четири работилници за дигитална самоодбрана, една панел дискусија во Градско на тема „Градиме безбедни простори против насилство - Превенција и заштита од (дигитално) РБН“, како и една студентска конференција во Битола „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“. Работилниците им овозможија на младите да добијат пошироко разбирање за родово-базираното насилство и како да се справат со неговите форми во дигиталниот простор, со акцент на превенцијата, препознавањето и поддршката. Дополнително, беа адресирани и предизвиците на родовите дезинформации, нивната улога во одржувањето на нееднаквостите, а е нагласена и важноста на дигиталната слобода како средство за постигнување родова еднаквост.

- Жените и девојчињата, како и маргинализираните групи и ЛГБТИК+ поединците, често се изложени на лажни информации кои се обидуваат да ги омаловажат нивните ставови, да ги дискредитираат нивните активности и да ги ограничат нивните права. Родово-базираното насилство во дигиталниот простор е специфична форма на насилство насочено кон поединци врз основа на нивниот род, пол или родов идентитет, а се извршува онлајн со користење на дигиталните платформи и е сè поприсутно во денешното време на дигитална ера. Овој тип на насилство им овозможува на сторителите да демнат, вознемируваат, малтретираат и понижуваат со цел да заплашат, замолчат или да искористат, се наведува во соопштението од Тимот на Мрежа Стела.

На глобално ниво, се подвлекува меѓу другото во соопштението, родово-базираното насилство е препознаено како сериозно прекршување на човековите права и основен проблем што го попречува постигнувањето на родова еднаквост и социјална правда. цр/ац/

Фото: Тимот на Мрежа Стела

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан