• четврток, 09 април 2026

Изов: Елитните квалификации нов предизвик за оваа генерација

Изов: Елитните квалификации нов предизвик за оваа генерација


Скопје, 8 април 2026 (МИА) – Македонската женска фудбалска репрезентација до 19 години денеска замина за Глазгов каде од 10 до 16 април ќе настапи во елитните квалификации за пласман на Европското првенство, во конкуренција на домаќинот Шкотска, Норвешка и Австрија.
Сите три селекции се вбројуваат меѓу најквалитетните на Стариот континент, а селекторот Кирил Изов истакна дека претстојните натпревари ќе бидат голем предизвик за оваа талентирана генерација.
„Имаме тешка група, но во оваа фаза од квалификациите сите противници се квалитетни. Очекувам фудбалерките да одиграат на највисоко можно ниво и на секој натпревар да пробаат да се надигруваат со фаворизираните противнички. Немаме намера предвреме да се предадеме, на секој натпревар влегуваме со желба да одиграме на што е можно повисоко ниво и дека ќе се прикажеме во најдобро можно издание“, рече Изов.
Македонските фудбалерки во воведното коло ќе играат против Норвешка, по што следуваат дуелите со Шкотска и Австрија.
„По успехот на репрезентацијата до 17 години која беше дел од елитните квалификации, еве сега и селекцијата до 19 години се наоѓа меѓу најдобрите национални тимови од Европа. Токму овие две генерации потврдуваат дека можеме да очекуваме подобри денови за женскиот состав, а исто така се надевам дека ќе продолжи трендот на добри резултати и во младинските категории. Овие две селекции треба да се база од која ќе се црпат фудбалерки за сениорскиот тим и очекувам да формираме квалитетна А репрезентација која би била конкурентна во однос на најдобрите европски селекции“, додаде Изов. ег
ФОТО: ФФМ

Остани поврзан