Измените на Законот за пензии по ребалансот на Буџетот
- Премиерот е дециден дека нема да потроши 550 милиони евра за пруга која завршува, како што рече, во слепа улица на половина тунел. Според него, тие пари е добро да се реализираат за модернизација на пругата на Коридорот 10.
Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Законот за измена на Законот пензии ќе биде донесен откако ќе помине ребалансот на Буџетот, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски.
Во вечерашното гостување на „Топ тема“, Мицкоски повтори дека во Буџетот недостигаат 200 милинои евра и за тоа, најави, ќе има одговорност. Се осврна и на средствата од ЕУ кои се предвидуваат за земјава со Планот за раст, истакнувајќи дека министрите Муртезани, Муцунски, Божиновска, Андоновски, Кочовска Димитриевска и Николоски за две недели го имаат завршено досието на државата, нешто што претходната власт две години не го направила.
Премиерот е дециден дека нема да потроши 550 милиони евра за пруга која завршува, како што рече, во слепа улица на половина тунел. Според него, тие пари е добро да се реализираат за модернизација на пругата на Коридорот 10.
-Нека помине ребалансот, веднаш потоа почнуваме со процедурата за законските измени за пензиите. Тие ќе важат не само за сега, туку и за март следната година зашто два пати се нивелираат пензиите, и во септември и во март. Во првите девет месеци го испорачуваме ветувањето, истакна Мицкоски.
Во врска со 500-те милиони евра, Мицкоски рече дека очекува со вакви средства да се финансира интерконекторот со Грција, наместо да се бара ретендерирање или пролонгирање, бидејќи тоа може само да ја зголеми цената на чинење.
-Имавме проблем со некои од обврските за кои знаевме дека не можеме да ги исполниме. Нашето досие е затворено и чекаме сега одобрување од страна на Европската комисија, зашто дел од проектите кои ги преземала претходната влада, на памет не ми паѓа да продолжам да ги реализирам. На памет не ми паѓа како премиер на оваа влада да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црното Море, на основа на црвен фидик, што значи со пенали може да дојде до 750 милиони евра. Ги замолувам тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата на коридорот 10 и возовите наместо 30 на час да возат 100 на час и наместо три пати да биде намален буџетот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура, да може три пати да биде зголемен и наместо после две години прв пат да имаме една оперативна локомотива, да купиме 5 нови и да имаме повеќе композиции на вагони кои ќе поминуваат во државата, нагласи премиерот. мч/нд/
Фото: МИА архива и принт скрин