• четврток, 26 декември 2024

Измените на Законот за здравствена заштита го поминаа првото читање, полемика меѓу двете крила на Алијанса за Албанците за користењето на албанскиот јазик

Измените на Законот за здравствена заштита го поминаа првото читање, полемика меѓу двете крила на Алијанса за Албанците за користењето на албанскиот јазик

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Членовите на собранискaтa Комисија за здравство и Законодавно правната комисија дадоа поддршка за да поминат во прво читање Предлог измените на Законот за здравствена заштита со кои се предвидува укинување на економските директори.

Министерот за здравство Арбен Таравари во образложението пред членовите на Комисијата за здравство нагласи дека законот е на сила од 2007 година и идејата на измените е да се укинат двојните директори. 

- Одредени клиники и болници кои имаат повеќе вработени имаат по двајца директори – медицински и организациски директор. За да се рационализира работата, не може никогаш една установа да се раководи од двајца директори. Тоа се констатира од искуството од 17 години раководење по двајца директори. Нашата цел е да го измениме Законот, да воведеме само еден директор. Идејата понатаму е и да се фузионираат одредени клиники во една клиничка болница и одредени здравствени установи од здравствен дом и општа болница во една заедничка установа. На ваков начин ќе рационализираме, ќе го намалиме бројот на директори на здравствени установи и ќе имаме многу поефективен начин на раководење на здравствени установи, рече Таравари.

Министерот потенцира дека ќе продолжат и со соединување на Клиничкиот центар, односно да нема 32 клиники туку една.

- Убеден сум дека здравствените јавни институции ќе бидат многу поефективни и ќе има многу поголемо штедење во трошење за административци, рече Таравари.

Пратеничката Иљире Даути од Европскиот фронт реагираше зошто министерот Таравари се обратил на македонски јазик, кога, како што рече, законски може да се обрати на својот мајчин јазик по што имаше партиски препукувања меѓу пратеничката Даути од Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села и Халил Снопче од крилото на Арбен Таравари од Коалицијата „Влен“ околу тоа кои се вистинските претставници на оваа партија.                                                                                                                                                                                                              - За мене е неприфатливо министерот Таравари да го прегази целиот мој напор и на моите колеги кои четири години војувавме со Собранието и сите институции за да ги убедивме дека законите треба да доаѓаат на двата јазици, бидејќи ова не го овозможува само Уставот, туку и Законот за спроведување на јазиците во кој член 1 е точен и прецизен и кажува дека на ниво на сите институции може да се обратат на јазикот кој го зборуваат над 20 проценти од националностите, рече Даути.

Пратеничката Даути беше прекината од претседателката на Комисијата за здравство Рашела Мизрахи која побара дискусијата да не ја претвори во етничко прашање. Таа потенцира дека Законот преведен бил прикачен на собраниската веб страна во четвртокот. 

По овие препукувања, министерот Таравари потенцира дека доколку на седницата пратениците не зборуваат за теми од здравството, тој ќе ја напушти седницата.

-Тука сум да одговарам за треми што се однесуваат на здравството. Не знаев дека ве испратиле да провоцирате и да се занимавате со политички теми, рече Таравари. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, со укинувањето на 40-те економски директори, државата на годишно ниво ќе заштеди околу два милиони евра. 

- Ајде да разговараме со еден Хипократов дух тука, без да двоиме дали некој е од една или од друга националност, туку да зборуваме како овој закон ќе го подобри девастираното здравство кое што кога ќе одат пациентите по ходниците гајле им е дали се од една или друга националност, поради тоа што институциите се нефункционални, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, со укинувањето на економските директори државата нема да заштеди два милиони евра, туку минорна сума на средства.

- Не е вистина дека заштедуваме два милиони евра. Најниска бруто плата за организациските директори е 93 илјади денари . Највисока бруто плата за организациските директори е 113 илјади денари. Да земеме просекот да биде уште поголем, затоа што имаат додатоци, да биде 120 илјади бруто, заштедата е 950 илјади евра годишно. Ќе го поддржам овој закон, затоа што сметам дека треба тоа да се стори од економска гледна точка, но јавноста треба да знае дека заштедуваме минорна сума на средства, рече Фатмир Битиќи од СДСМ. фф/бак/

Фото. Принт скрин од видео

Остани поврзан