• среда, 20 ноември 2024

Измените на Законот за здравствената заштита добија поддршка од матичната Комисија за здравство

Измените на Законот за здравствената заштита добија поддршка од матичната Комисија за здравство

Скопје, 20 јули 2023 (МИА) – Членовите на собраниската Комисија за здравство денеска дадоа поддршка за измените на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка, предложен од пратениците Бети Рабаџиевска Наумовска, Емилија Рамбабова и Ненад Коциќ. За измените на овој закон не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Со предложеното изменување, како што стои во образложението, се создава правна сигурност и се овозможува професионалност и стручност во именување на работоводниот орган на јавната здравствена установа, кој го организира и раководи процесот на трудот, го води работењето на јавната здравствена установа, самостојно донесува одлуки во рамките на своите надлежности, ја претставува и застапува јавната здравствена установа спрема трети лица и е одговорен за законитоста на работењето на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет.

-Со предложеното законско решение се елиминира досегашната можност за именување на директор кој ќе го организира и раководи процесот на трудот, кој ќе го води работењето на јавната здравствена установа, самостојно ќе донесува одлуки во рамките на своите надлежности, ја претставува и застапува јавната здравствена установа спрема трети лица и кој ќе е одговорен за законитоста на работењето на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет да може да биде лице кое не е од медицинските или стоматолошките или фармацевтските науки, високо образование – дипломиран логопед, високо образование - специјалист по медицинска биохемија, високо образование од областа на економските или правните науки или јавно здравствениот менаџмент, односно да е само лице со академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку VI А ниво согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации, рече Ненад Коциќ, член на Комисијата од СДСМ во образложението.

Предлог законот за изменување на Законот за здравствената заштита содржи четири члена. Со членот 1 се ограничува можноста за директор на јавната здравствена установа да може да биде било кое лице кое има било какви завршени академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку VI А ниво согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации, кои не се од медицинските или стоматолошките или фармацевтските науки, високо образование – дипломиран логопед, високо образование - специјалист по медицинска биохемија, високо образование од областа на економските или правните науки или јавно
здравствениот менаџмент.

Со членот 2, пак, се ограничува можноста за медицински директор на јавната здравствена установа да може да биде било кое лице кое има какви било завршени академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку VI Б ниво согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации, кои не се медицинските или стоматолошките науки, дипломиран логопед, или специјалист по медицинска биохемија. Исто така, претходно утврденото VI Б ниво се заменува со VI А ниво, согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации. Со членот 3 се утврдуват условите кое треба да ги исполни лицето за вршење на должноста директор. Со членот 4 се уредува влегување во сила со денот на објавувањето во Службениот весник.фф/лв/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан