• недела, 24 ноември 2024

Изложби, перформанси, концерти и многу други културни настани, во Скопје се одржа деветнаесеттото издание на „Бела ноќ“

Изложби, перформанси, концерти и многу други културни настани, во Скопје се одржа деветнаесеттото издание на „Бела ноќ“

Скопје, 1 октомври 2023 (МИА) – Со голем број изложби, перформанси, инсталации, концерти, театарски претстави и филмски проекции во Скопје синоќа се одржа 19. традиционална културна манифестација „Бела ноќ 2023“.

Централната манифестација беше пред порта „Македонија“, каде Скопјани имаа можност да уживаат во композициите на маестро Кире Костов во изведба на Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од Биг бенд оркестарот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, проследени со специјално визуелно шоу со 3Д-мапирање на портата.

Кај „Школка“, во Градскиот парк, се одржа првото издание на „Октомвриски музички поход“ каде настап имаа групата „Педро Хоризонте“, Стефан Петановски бенд, Занаду бенд, Димиш бенд и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска.

Во ГТЦ, пак, можеше да се види изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовните уметници, а на Факултетот за драмски уметности да се проследат повеќе театарски претстави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ повеќе културно-уметнички друштва изведоа  традиционални македонски ора.

Во Кинотеката на Македонија можеа да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, а во галеријата „Остен“ изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет „Американ колеџ“. Во Капан ан беше прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ изложбата „Култура во кутија“ на културното јадро „Доминиум“.

Во ноќниот клуб „Пјур“ (Pure) се одржа „Скопски моден фестивал“ (Skopje Fashion festival), на кој ќе се претстават модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, како и Бошко и Цеце Т.

Програмата ја збогатија и културните институции: Културно-информативен центар – Скопје, Детски културен центар „Карпош“, Музеј на Град Скопје, Музеј на современата уметност, Библиотека „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.

Сите настани беа од отворен карактер и бесплатни за посетителите. За сите граѓани за време на одржувањето на „Бела ноќ 2023“ јавниот градски сообраќај беше бесплатен. аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан