• четврток, 26 декември 2024

Изложба „50 години творештво“ на Ангел Димовски - Чауш

Изложба „50 години творештво“ на Ангел Димовски - Чауш

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) - Во Националната галерија, објектот Чифте амам, вечер, во 19.30 часот, ќе се отвори ретроспективната изложба на Ангел Димовски – Чауш насловена „50 години творештво“. Македонската јавност ќе има можност да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник кој повеќе децении живее и работи на релација Северна Македонија - Франција.

Делата на Ангел Димовски – Чауш, творени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини.

-На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата. Во таа смисла, скулптурите на Ангел Димовски – Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Во неговите дела се препознаваат главниот мотив - жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни, се наведува во најавата. мч/аа/

фото: Национална галерија на Република Северна Македонија

Остани поврзан