• четврток, 26 декември 2024

Изложба „Париски рефлексии 2“ по повод месецот на Франкофонијата

Изложба „Париски рефлексии 2“ по повод месецот на Франкофонијата

Скопје, 9 март 2023 (МИА) - По повод месецот на Франкофонијата, во Чифте Амам во Скопје отворена е изложбата „Париски рефлексии 2“. Посетителите може да видат дела на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз.

Овие уметници извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, во доменот на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.

Изложбата се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје. Првиот дел од изложбата „Париски рефлексии“ беше отворен минатата година.

Директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими за време на отворањето на изложбата денеска посочи дека станува збор за селекција на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6. и 7. деценија на 20 век -  Вангел Коџоман, Василие Поповиќ - Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во нашата држава.

Како што рече, сите претставени 39 дела се дел од колекцијата на Националната галерија. Директорката на Националната галерија се надева дека одбележувањето на деновите на Франкофонијата во нашата земја ќе стане традиција, односно дека ќе можеме во континуитет да ја продолжиме соработката меѓу двете земји.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање посочи дека оваа изложба е исклучителен приказ на повеќеслојноста на ументичкото доживување. Посочи дека уметноста покрај тоа што има естетската вредност, таа успешно ги поврзува земјите и народите.

-Во нашиот случај, тоа се културните специфики на Северна Македонија и на Француската Република. Париз бил и останува синоним за глобален уметнички Пантеон, кој во себе ги спојува најмоќните вредности на уметноста - естетското, наследеното и космополитски современости. Историјата на македонската ликовна уметност, како и историјата на ликовната уметност воопшто, не може ни да се замисли а уште помалку да се прикаже, без Париската школа, додаде претседателот.

 

Тој изјави дека од негов аспект, како некој кој ја почитува уметноста и нејзините социо-културни значења, фасцинирачки делува конгломератот од различни правци во уметничкото изразување креирани во рамките на оваа школа.

-Секој од уметниците сам ги избира своите ликовни афинитети и придонесува во откривањето на модерниот ликовен јазик. Париската школа е синоним за прогресивност, авангарда, слобода на изразување. Вредности кои македонските уметници, подготвени за откривање на нови хоризонти и нивно уметничко поврзување со средината од која што потекнуваат, ги прифаќаат со отворен ум и намера да бидат дел од европската и светската ликовна модерна, рече претседателот.

Амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер посочи дека влијанието на Париската школа уште повеќе е видливо во делот на големите македонски сликари од 20 век.

Фото: МИА

Остани поврзан