• среда, 25 декември 2024

Изложба на фотографии од Тони Коцев во Кавадарци 

Изложба на фотографии од Тони Коцев во Кавадарци 

Кавадарци, 29 ноември 2024 (МИА) - Мултимедијална изложба на фотографии насловена ,,Моменти" од Тони Коцев, беше отворена вечерва  во Музеј галеријата во Кавадарци. Како што кажа самиот автор, станува збор за овековечени спонтани моменти. На четири видео бимови беа презентирани околу 160 фотографии, што сведочат за убавините на Кавадарци и македонските убавини. Станува збор за за фотографии фотографирани со мобилен телефон. 

Директорот на Музејот, Јаким Зимоски изрази задоволство и  рече дека изложбата е нешто поразлично од она што можело да се види досега. 

Тони Коцев е роден во 1971 година, дипломирал на факултетот за филмски уметности при Универзитетот ЕСРА во Скопје, на катедрата за Филмска и ТВ камера. Работел на повеќе видео и филмски проекти како снимател и директор на фотографија. Реализирал 7 самостојни изложби и учествувал на повеќе групни во земјата и во странство (Франција, Шпанија, Шкотска, Србија, Луксембург). Добитник е на неколку награди за фотографија во земјава и во странство. Живее во Кавадарци, вработен е во Музеј галеријата. 

-Фотографиите се моменти замрзнати во времето. Тие ни овозможуваат да се потсетиме на важни настани, луѓе, чувства и моменти што понекогаш избледуваат во сеќавањата. Секој кадар има своја приказна а секоја фотографија носи емоции кои се неми но искрени. Фотографијата е мост меѓу минатото и сегашноста, а секој момент што е фотографиран е своја приказна што ќе живее долго. Емоциите што ги пренесуваат сликите често се многу посилни и од зборовите, вели историчарот на уметност и виш кустос во Музејот, Трајче Цветков.

Новинарката Мирјана Мукаетова, подвлече дека како своевидна увертира во одбележувањета на големиот јубилеј 30 години бавење со професионална фотографија, Коцев подготви една интересна видео проекција на фотографии сликани со мобилен телефон.

- Идејата ја добива во 2020 година со почетокот на пандемијата кога како резултат на воведувањето на карантин се покажа потребата да се престојува надвор и тоа во природа. Карактеристично за оваа необична видео проекција на фотографии е тоа што се застапени најразлични мотиви и тематики. Фотографиите не се планирани и наменски направени, туку напротив, моментите што први го допреле фотографот и го провоцирале да ги фотографира. Почнувајќи од макро фотографии, до пејзажи ќе може да се видат многу интересни фотографии на урбани моменти, инсекти и многу познати воопшто непознати или пак незабележливи предели од Тиквешијата и градот Кавадарци, сподели Мукаетова. 

Изложбата и каталогот финансиски се поддржани од градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци. свд/сст/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан