• среда, 18 декември 2024

Изложба на фотографии за 40 години од освоениот златен олимписки медал на Шабан Трстена

Изложба на фотографии за 40 години од освоениот златен олимписки медал на Шабан Трстена

Тетово, 2 септември 2024 (МИА) - Во Уметничката галерија - Тетово вечерва е отворена изложба на 40 фотографии, по повод 40 години од освојување на златниот олимписки медал на Шабан Трстена на „Олимписките игри“ во Лос Анџелес на 10 август 1984 година.

Како член на олимписката експедиција на тогашна Југославија, Трстена освои прво место во слободно борење во категоријата до 52 килограми кога имаше 19 години.

- Овие слики претставуваат една историја. Немам некои модерни и убави слики, не отидов таму да се сликам, туку да се борам. Во тоа време, кога имав 15 години, прашував како тоа само Русите се шампиони во борење и другите држави кои имале најголеми борачи. Сум им ги земал рацете на Русите да им ги видам какви им се, дали се разликуваат од нашите, дали се од друга планета. Но, немаше ништо такво. Само со работа, ништо немало разлика, истакна Трстена на отворањето на изложбата.

Да се достигне висок спортски врв, напорно работел со двајцата свои тренери Хајруш Синани и Насе Насев.

- Овие луѓе тренираа заедно 20 години без слободен ден и во тешки моменти, тимот ја задржа својата мотивација. И до денес се сеќава Трстена на напорните тренинзи и до четирипати дневно без идеални услови, на отворено небо или во сали на ресторани. По златниот медал, четири години подоцна и во Сеул, Трстена освојува медал на „Олимписките игри“, а тогаш бил сребрен поради повреда на колено, беше посочено на изложбата.

Покрај олимписки, Трстена има освоено осум европски медали, две од светско првенство, три балкански медали и три од „Медитерански игри“. ас/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан