• сабота, 23 ноември 2024

Изложба на фотографии „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“

Изложба на фотографии „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Во Мала станица во Скопје денеска ќе биде отворена изложба на фотографии, како и панел дискусија „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“.

Изложбата е организирана со поддршка на заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа, преку проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“.

Како што најавија организаторите, целта на настанот е да се прослави Меѓународниот ден на човекови права и да се подигне свеста за важноста на пристапот до правдата за сите и за користа којашто ја носи за сите.

На настанот учесниците ќе имаат можност да видат изложба на најдобрите фотографии избрани од фото-натпреварот „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“, што беше објавен на Европскиот ден на правдата.

Главните панелисти ќе бидат Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда, Елена Јовановска Брезоска, раководителка на Одделот за Југоисточна Европа во Советот на Европа, Љубомир Михајловски, претседател на Адвокатската комора, и Милица Шутова, раководителка на Правната клиника при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

По панел-дискусијата, предвидено е државниот секретар на Министерството за правда да ги објави победниците на натпреварот. На настанот ќе има и музички настапи на студентите од катедрата за џез при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.бт/са/

Фото/ Фејсбук страница на „Бесплатна правна помош“

Остани поврзан