• сабота, 06 декември 2025

Изложба на прстени од етнолошката ризница на охридскиот Завод и музеј

Изложба на прстени од етнолошката ризница на охридскиот Завод и музеј

Охрид, 5 декември 2025 (МИА) – Во рамки на настаните од чествувањето на 8 Декември – патрониот празник на Градот Охрид, денеска во Галеријата на Куќата на Робевци беше отворена изложбата „Прстенот - симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“.

На поставката се презентирани 80 експонати, прстени од богатата етнолошка збирка при НУ „Завод и Музеј – Охрид“, прстени што датираат од 17 до средината на дваесеттиот век, изработени од занаетчии од Охрид, Струга и Дебар.

Како што појасни авторката на каталогот, Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ „Завод и Музеј – Охрид“, воглавно се работи за украси изработени од сребро, со техника на лиење со филигранска изработка и гранулација.

-Украсени се со полускапоцени камења, стакленца, монисти, висулци, трепетушки. По формата се застапени различни видови, а тоа се прстени со печат или монограмни прстени со иницијали, масивни столовати прстени, прстени бурмалии во вид на бурми, прстени со кубести глави, прстени со поголеми скапоцени камења, со ситни стакленца, различни форми ромбови, квадратни, елипсести. Ова се прстени што се и машки и женски, посочи Мишева.

Дел од прстените се и симболи на семеен или општествен статус.

-Прстенот е накит што се употребува до ден денес. Воглавно неговата функција е за обележување на брачниот статус. Но, прстенот е и симбол на некаков моден тренд на припадност на некоја заедница...Тој секако носи симболика на вечност, на достоинство, на завет, на припадност...Значи, прстенот е еден многу интересен накит со многу сложена симболика и функција што, за среќа се сочувал и се носи до ден денес, додава Мишева.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста до крајот на јануари, секој работен ден од 9 до 15 часот, освен во понеделениците. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година. аб/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан