• петок, 27 декември 2024

Изложба на костимографот Благој Мицевски и настап на Скопје танцов театар

Изложба на костимографот Благој Мицевски и настап на Скопје танцов театар
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) - Кореографијата „Котел“ на Скопје танцовиот театар и студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип вечер од 20 часот ќе биде изведена во  Домот на културата во Битола. Претходно, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на костимографот Благој Мицевски, насловена „Опера/Драма/Балет“ која ќе ја прикаже неговата соработка со тројца автори: режисерот Диего де Бреа од  Словенија, режисерот Џон Блондел од САД и нашата кореографка Рисима Рисимкин.
-Во чест на изложбата, ќе биде изведена короеграфијата „Котел“ каде што потписник на костимите е Благој Мицевски. Настанот е поддржан од Општина Битола и е дел од манифестациите кои се одржуваат по повод одбележување на Денот на ослободување на градот Битола - 4 Ноември, соопшти Скопје танцов театар.
Кореографијата „Котел“ на Рисимкин е создадена во 2018 година за Скопје танцовиот театар и премиерно изведена на „Танц фест Скопје“. -Оваа кратка кореографија, на музика на Тони Китановски, со костимите на Благој Мицевски, е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали, меѓу кои „Holland Dance Festival“ во Хаг,  „Battery Dance Festival“ во Њујорк и „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина. Кореографијата со огромен успех е изведена на сите странски фестивали, но и многупати во Скопје и низ државата, информира Скопје танцов театар. Кореографката Рисимкин соработува од 1996 година со Благој Мицевски  за речиси сите нејзини кореографии.  Заедно имаат остварено над 30 проекти кои се претставени низ цел свет. Како особено значајно во нивната соработка се наведува гостувањето на Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз во март годинава, со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“. хс/са/    
 

Остани поврзан