• недела, 24 ноември 2024

Изложба на дигитални слики „Особеност“ на Игор Поп Трајков

Изложба на дигитални слики „Особеност“ на Игор Поп Трајков

Скопје, 10 јули 2023 (МИА) - Во рамките на Скопско лето 2023, вечер во ЈУ Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје ќе биде отворена четврта самостојна изложба на уметникот Игор Поп Трајков насловена „Особеност“.

Во неа уметникот експериментира со новите дигитални технологии, како и со комбинацијата на новите со традиционалните техники во сликарството.

Според кураторката на изложбата Џоана Пентала, уметникот гледа начин да избега во неговата „особеност“, односно во неговото одбивање да стане како другите.

-Нерасположената и на многу начини корумпирана културна средина од која потекнува Поп Трајков и во која мораше да опстојува толку долго, се обиде да му ги наметне своите правила. Уметникот гледа начин да избега од тоа во неговата „особеност“, односно во неговото одбивање да стане како другите. Како што може да се види од оваа изложба, неговото бегство е всушност лажно и иронично и само покажува дека уметникот не е дел од корозивната реалност, односно дека не сака да биде дел од неа; вистината во овој случај би била дека мора да се соработува со темната страна, а покажувањето на спротивставување е повеќе симболичен отколку херојски гест, додава Пентала.

Како што посочува, користејќи ги неговите омилени средства за изразување - херменевтика и деконструкција, како и експериментирање со новите визуелни технологии, уметникот ни претставува низа историски истражувања на тема особеност, било да е тоа со позитивна или со негативна конотација.

-Ова е најпривлечно кога нешто или некој не се покорува или не се наведнува пред очекуваниот тек на нештата, туку покажува одредено или целосно отстапување од пробиениот колосек, порача кураторката Пентала.

Изложбата „Особеност“ ќе биде поставена во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ до 20 јули.бт/мд/

Фото/ Игор Поп Трајков

Остани поврзан