• сабота, 28 декември 2024

Изложба на дигитализирани фотографии на браќата Манаки во Кинотека

Изложба на дигитализирани фотографии на браќата Манаки во Кинотека
Скопје, 4 септември 2022 (МИА) - Дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки ќе бидат изложени во фоајето на Кинотеката на Република Северна Македонија до 7 септември. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори. По повод јубилејот, покрај најавената изложба, на 7 септември, на последниот ден од Фестивалот на нем и класичен филм, посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филмови на Вера Кличкова ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки. Милтон Манаки (09.09.1882, Авдела, Грција – 05.03.1964, Битола, Македонија) и неговиот постар брат Јанаки (1878-1954) се филмски пионери не само во земјава, туку и пошироко на Балканот. Јанаки, кој работел како професор по цртање и калиграфија, во 1989 во Јанина отворил фотографски дуќан, и тука започнува заедничката работа на браќата. Милтон го изучува фотографскиот занает токму таму, под менторство на неговиот постар брат Јанаки. Во 1905 година, браќата се селат во Битола, тогашен Монастир – важен политички, економски и културен центар во Румелискиот вилает на Отоманското царство, каде што го отвораат познатото „Ателје за уметничка фотографија“. Речиси петнаесет години подоцна го градат и отвораат киното „Манаки“ кое со кратки периоди на затворање (зарди пожар, банкротирање и слични „непогоди“) работело од 1921 до 1939 година. По смртта на Јанаки, во 1955 година, Милтон целокупната филмска и фотографска оставина ја депонирал во Државниот архив на тогашна ФНР Југославија. Во 1976 година, по основањето на Кинотеката, филмските ленти се предадени на чување во овој наш национален филмски архив, и во текот на изминативе децении тие беа реставрирани и заштитени со изработка на архивски копии, а во 2011 година и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени на национално културно наследство. Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола. Мал дел од овие материјали се и дигитализирани  од Роберт Јанкулоски и „Македонскиот Центар за фотографија“ (МЦФ) –  па и прикажани во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија и во монографијата „Манаки, приказна во слики“, а допрва следи комплетна дигитализација од страна на Архивското одделение во Битола што годинава доби можност да ја започне на дигитализација на „Фондот 580“ на браќата Манаки кој заедно со огромниот фотографски материјал содржи 20.000 фајлови што Архивското одделение ги чува во своите депоа заедно со „камерата 300“. Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив – за културно наследство од исклучително национално значење. аа/рп/

Остани поврзан