• недела, 24 ноември 2024

Изложба „Најцрната црна“ на Мице Јанкуловски во галеријата „Остен“

Изложба „Најцрната црна“ на Мице Јанкуловски во галеријата „Остен“
Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Од 20 април до 4 мај во галеријата „Остен“ е поставена самостојна изложба на слики (карбон на платно) од Мице Јанкуловски, насловена „Најцрната црна“.
 
Уметникот подолго време работи слики во големи формати со црна боја, а од минатата година почна да слика со карбон црна боја (најцрната црна) и сликите од оваа негова најнова фаза ги претстави премиерно на изложби во Њујорк. 
 
Во декември 2022, црните слики од циклусот „Најцрно црно“ / „Blackest black“ на Јанкуловски беа премиерно поставени во галериите Артефактс и МЦ Галерија во Њујорк.
 
-Станаа дел од светската уметничка сцена одразувајќи ги сите контроверзии и дубиози, но и сета  привлечност, заводливост и убавина на фасцинантниот спектакл кој се вика современа ликовна уметност денес, наведува „Остен“.
 
 
Уметникот Емил Алексиев во освртот кон изложбата на Јанкуловски наведува дека станува збор за користење боја која ја апсорбира речиси сета светлина.
 
- Сликите на Јанкуловски се црни. Тука се работи за процес во нашето око, предизвикан од прелевањето на црните тонови и нивна интеракција, а не за нешто што може да се наслика и што постои пред самиот чин на сликање... Пред овие слики имате впечаток дека стоите пред бескрајната и бесконечна Вселена од чија длабока темнина допира до вас светлината на одамна мртвите ѕвезди. Чувството е возвишено и застрашувачко, посочува Алексиев.
Додава дека воопшто не е случајно премиерното пертставување и големиот интерес на овој циклус слики на Мице Јанкуловски токму во Њујорк.
 
-Овие слики и припаѓаат на американската њујоршка школа и можат да се поврзат со црните слики на некои од најзначајните американски уметници како што се Роберт Раушенберг (1925-2008), Ед Рајнхард (1913-1967), Марк Ротко (1903-1970) и Френк Стела (1936), и на се уште актуелната традиција на американскиот апстрактен експресионизам од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век кога Њујорк го победи Париз како светско средиште на модерната уметност, додава Алексиев во освртот кон изложбата на Јанкуловски. хс/ац/
 
Фото: Галерија „Остен“

Остани поврзан