• петок, 27 декември 2024

Изложба „Метаморфози“ на Панде Петровски во галеријата „Остен“

Изложба „Метаморфози“ на  Панде Петровски во галеријата „Остен“

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Во галерија „Остен“ вечер  ќе биде отворена самостојна изложба на слики на уметникот Панде Петровски, насловена „Метаморфози“. Изложбата е програмски дел од најавната програма на Остен Биенале Скопје 2024, а со неа воедно авторот одбележува 65 години творештво.

-Циклусот „Метаморфози“ е творечки резултат на целосно  изградена комплетна ликовна зрелост, со линиски бравури кои не се во функција само за изразот на творечкото - цртачкото сугестивно изразување туку пред се се сериозен и исклучително важен мисловен, симболичен и асоцијативен јазик во изградувањето, пред се, на една неповторлива и мошне значајна поетско-мисловна композиција, соопшти галеријата „Остен“.

Панде Петровски (1939, Брусник, Битола) завршил Педагошка академија во Скопје, ликовна насока во класата на Вангел Коџоман. Работел како наставник по ликовно воспитание од 1964 до 2002.

Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници Битола).  Координатор е на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро”– Битола од нејзиното основање во 2005 година.

Петровски реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал во многубројни групни изложби и е добитник на повеќе награди. Негови цртежи се објавувани во весници и списанија за култура, антологии за македонскиот и балканскиот афоризам, негови илустрации има на насловните страници на повеќе од сто книги за деца и возрасни.

Изложбата на Петровски во галеријата „Остен“ ќе може да се посети до 14 април. хс/мд/

Фото: Галерија „Остен“

Остани поврзан