Изложба „Глаголички откровенија“ на уметникот Томе Даневски во КИЦ-Скопје
- Македонскиот современ уметник „ја истражува древната глаголица како културен, емоционален и метафизички код - мост меѓу видливото и невидливото, минатото и иднината, човековото и божественото“, се вели во описот.
Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - Во Културно-информативниот центар - Скопје (КИЦ), во организација на „Абилитист“ и Здружението на лица со попреченост „Зета“, денеска во 19 часот, свечено ќе биде отворена изложбата „Глаголички откровенија“.
Станува збор за самостојна изложба на сликарот Томе Даневски, т.е. 27 дела изработени во масло и акрил на платно, преку коишто македонскиот современ уметник „ја истражува древната глаголица како културен, емоционален и метафизички код - мост меѓу видливото и невидливото, минатото и иднината, човековото и божественото“, соопштија организаторите.

„Придружете ни се во КИЦ, во 19 часот, каде што уметноста не само што се гледа, туку и се чувствува и се слуша. За првпат во Македонија, секое дело содржи аудио кју-ар-код, преку којшто посетителите можат да ја слушнат личната интерпретација на авторот, претворајќи ја изложбата во мултисензорно искуство. Настанот вклучува и преведување на знаковен јазик, а просторот е целосно пристапен за лица кои користат количка, што ја прави изложбата достапна и инклузивна за сите“, посочуваат организаторите во најавата на својот интернет-простор.
Изложбата е дел од проектот „Под исто платно: Инклузија низ уметноста“, и е активно поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија што се имплементира од „Хартефакт фонд“.
По две реализирани самостојни уметнички изложби - онаа на Тома Димовски (лице со попреченост) под назив „Тајниот дневник“ во Тетово, и на Роза Мојсовска (исто така, лице со попреченост) - насловена „Цветна градина“ во Гевгелија, „Глаголички откровенија“ го заокружува овој уметнички проект. си/вг/
Фото: „Абилитист“ и „Зета“