• среда, 13 ноември 2024

Изложба „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ во Музеј на македонската борба

Изложба „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ во  Музеј на македонската борба

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ – темелникот на македонската државност, вечер, во НУ Музеј на македонската борба за самостојност ќе биде поставена изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“.

Станува збор за селекција од 24 скици и цртежи, изработени од познатиот уметник Борко Лазески што послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, а првпат ќе бидат претставени пред македонската публика.

Автор е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје.
Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември 2024.

Борко Лазески (1917-1993) е македонски ликовен уметник кој се смета за предвесник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија. Во 1933/34 година Лазески се запишува на Ликовната академија во Белград. Дополнително го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, каде ги завршува студиите во 1943 година. Како стипендист на француската влада во почетокот на 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во одделот за фрескосликарство на Дикос де ла Ај (Dukos de la Haille). Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е прв в.д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948 година. мч/вг/

фото: плакат

Остани поврзан