• вторник, 24 декември 2024

Излезни анкети од изборите во Белгија: Либералите во водство во Брисел и Валонија, националистите во Фландрија 

Излезни анкети од изборите во Белгија: Либералите во водство во Брисел и Валонија, националистите во Фландрија 

Брисел, 9 јуни 2024 (МИА) – Првичните резултати од излезните анкети од денешните избори во Белгија покажуваат дека валонското либерално Реформско движење (МР) освоило најмногу гласови во регионите Брисел и Валонија, додека во Фландрија во тесно водство е националистичката Нова фламанска алијанса (Н-ВА). 

Жителите на Белгија денеска гласаа за избор на членови на Европскиот парламент, Претставничкиот дом на белгискиот Федерален парламент и на парламентите на регионите Брисел, Валонија и Фландрија, а припадниците на германското малцинство избира и пратеници во Парламентот на германофонската заедница. Гласачките места беа затворени во 19 часот.  

Според излезните анкети од регионот на Брисел, најмногу гласови или нешто над 22 отсто освоило Реформско движење (МР), пред валонската Социјалистичка партија (ПС) и екстремно левичарската Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со околу 18 проценти од гласовите. 

За четвртото место „се борат“ зелената партија Еколо и демохристијанската партија Посветените (ЛЕ) со нешто под девет отсто, пред бриселската регионална либерална партија Независни федералистички демократи (ДЕФИ) со околу седум проценти. Натаму следува фламанската еколошка партија Зелените со нешто над четири отсто, пред националистичката Нова фламанска алијанса (Н-ВА) со нешто над два отсто и либералната партија Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД), ултра националистичката и десно популистичка партија Фламански избор (ВБ) и социјалдемократската партија Напред (Воројт) со под два отсто. Партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) има нешто над еден отсто од гласовите, а сите останати се под еден процент. 

Либералите се во водство и во Валонија со околу 33 отсто од гласовите, пред Посветените со нешто под 23 проценти и ПС со околу 20 отсто. Четврта е ПВДА/ПТБ со речиси девет проценти, пред Еколо со околу 7,5 отсто, валонската националистича партија „Кај нас“ (Ше Ну) со околу четири проценти и ДЕФИ со околу 2,5 отсто.   

Во Фландрија, наспроти предизборните анкети кои и даваа водство на партијата Фламански избор (ВБ), излезните анкети укажуваат на победа на Новата фламанска алијанса (Н-ВА) со околу 24 отсто, пред ВБ со околу 23,5 проценти. На трето место е Воројт со околу 16 отсто, пред ЦДВ со над 13 проценти, Опен ВЛД со над осум, пред ПВДА со нешто над седум и Зелените со под седум проценти.   

На изборите за членови на Парламентот на германската задница во водство е центристичката демохристијанска партија За германската заедница (ПРОДГ) со околу 29 отсто, пред конзервативната демохристијанска Христијанско-социјалната партија (ЦСП) со околу 20 проценти, социјал-либералната Вивант со над 14 проценти, Социјалистичката партија (СП) под 14 отсто, конзервативно-либералната Перспектива Слобода Прогрес (ПФФ) со околу 12 проценти и Еколо со околу девет отсто. 

Резултатите од изборите на сите ниво се очекуваат подоцна вечерва. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан