• петок, 27 декември 2024

Излезе од печат „Љубовни аматери (Двонасочни новели)” од Александар Прокопиев во издание на „Прозарт медиа“

Излезе од печат „Љубовни аматери (Двонасочни новели)” од Александар Прокопиев во издание на „Прозарт медиа“
Скопје, 28 јуни 2021 (МИА) - Книгата „Љубовни аматери (Двонасочни новели)” од Александар Прокопиев излезе од печат во издание на издавачката куќа „Прозарт медиа“. Се работи за, како што вели Фиона Сампсон „...соновиден, опсесивен свет во којшто сè има свое значење. Оваа техника не мистифицира ништо. Напротив, сè е поврзано. Прокопиев ни го нуди образецот на писателската сензибилност. Значењето на нештата е во нивната резонанца. И така, многу брзо, успева да нè заведе”. За книгата Наташа Аврамовска вели „оваа проза ја испишува историјата на запоседнувањето на сопствениот (љубовен) идентитет оттаму исповедниот тон на јас-раскажувањето кое како и секоја историја, допишува, домислува, станува мит: интертекстуално и автореференцијално мултиплициран, разигран и расплисиран во жонглирањето со фрагментите на семиотничкиот ред и на нивото на нарацијата и секако на рамништето на нејзината рецепција”. Иван Џепароски, пак, за делото пишува „... Но, ако авторот (наратор) добива главоболка пишувајќи го романот, ние, како читатели, сме радосни, среќни и со бистра глава, така што не можеме да го испуштиме романот од рацете од првата до последната страница, го читаме во еден здив, како што во еден здив се играат и најубавите игри. На крајот, иако среќни, но и малку зазбифтани, сфаќаме дека токму затоа играта во ова дело на Александар Прокопиев, како и секоја потрага по слободата, има рамномерно-зазбифтано дишење, но едновремено, има и еден слатко-горчлив вкус што се јавува при нејзиното консумирање.“ Аленсандар Прокопиев е прозаист и есеист. Работел во Институтот за македонска литература како редовен професор на пост-дипломските студии по културологија. Има објавено дваесетина книги. За збирката раскази “Човечулец“ ја доби наградата „Балканика“ во 2012 година. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, хрватски, словенечки, бугарски и други јазици. Член е на македонскиот ПЕН и на Независните писатели на Македонија. Прокопиев е уметнички директор на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан. Книгата „Љубовни аматери (Двонасочни новели)” е објавена со помош на Министерството за култура. аа/сп/

Остани поврзан