• среда, 25 декември 2024

Изданија на СВП се дистрибуираат во јавни установи низ државата

Изданија на СВП се дистрибуираат во јавни установи низ државата

Струга, 19 март 2024 (МИА) - Вкупно 64 наслови од изданијата на „Струшки вечери на поезијата“ ќе бидат дистрибуирани и отстапени на трајно користење без надомест на државни органи, правни лица основани од државата, здруженија на граѓани и фондации кои имаат потреба.

Националната установа „Струшки вечери на поезијата“ соопшти дека дистрибуцијата до јавните установи веќе била почната, согласно Владина одлука.

- По претходно спроведена јавна анкета, на установите што изразија заинтересираност за отстапување и трајно користење на изданијата на СВП, во соодветна постапка со владина одлука и по потпишување на договори за давање на трајно користење, веќе почнаа да им бидат доставувани комплетите од изданијата на СВП, соопшти установата.

Според СВП, универзитети, библиотеки, центри за култура, средни училишта, институтите за македонски јазик и за македонска литература, Друштвото на писателите на Македонија..., ќе ги збогатат своите колекции со репрезентативните изданија на СВП во кои се вклучени добитниците на Златниот венец, „Мостови на Струга“, преведените изданија на добитниците на наградата „Браќа Миладиновци“ и останатите изданија од нивната издавачка дејност.

Овие изданија, додаваат од СВП, не смеат да бидат предмет на слободна продажба и со дистрибуцијата во јавните установи се зголемува нивната достапност до пошироката публика.

СВП најавува дека планираат тоа да се воспостави како редовна пракса, но и да се дигитализира целокупниот книжевен фонд. сс/дма/

Фото:СВП

 

Остани поврзан