• четврток, 26 декември 2024

Издаден огноотпорен примерок од контроверзната „Приказна на слугинката“

Издаден огноотпорен примерок од контроверзната „Приказна на слугинката“
Њујорк, 8 јуни 2022 (МИА) - „Приказната на слугинката“ од Маргарет Атвуд често предизвикува контроверзии и е забранувана откако беше објавена во 1985 година... За да ја подигне свеста за денес растечката цензура и лавината барања за забрана на некои книги во американските училишта, издавачот „Пенгвин рандом хаус“ (Penguin Random House) издаде огноотпорен примерок од дистопискиот роман за теократијата која ги принудувала плодните жени да им раѓаат деца на привилегираните. Самата Маргарет Атвуд ја тестирала отпорноста на книгата со пламенофрлач. „Никогаш не ни сонував дека ќе се обидам да запалам една од моите книги - и да не успеам во тоа“, напиша таа на Твитер. Незапаливата верзија ќе биде понудена на аукција денеска во њујоршката аукциска куќа „Сотби“, по почетна цена од 100.000 долари. Приходот од продажбата оди за американски ПЕН-центар, кој се залага за слобода на изразување во литературата. Здружението неодамна објави дека од 1 јули лани до 31 март годинава во училиштата ширум САД се забранети дури 1.586 книги. Со 713 забрани, Тексас е водечка сојузна држава во таа смисла. Натаму, 456 книги се забранети во Пенсилванија и 204 на Флорида. „Приказната за слугинката“ е еден од насловите што се на мета на цензурата поради содржината поврзана со секс. На прв поглед, незапаливата копија изгледа како и секоја друга, но е изработена од никелова жица, нерѓосувачки челик, алуминиум и огноотпорно мастило.  си/сд/

Остани поврзан