• сабота, 28 декември 2024

Изградба и обнова на основни училишта со 328 милиони денари, за средните 19,7 милиони

Изградба и обнова на основни училишта со 328 милиони денари, за средните 19,7 милиони
Скопје, 16 јануари 2021 (МИА) - Владата вечерва на седница ги усвои програмите за изградба и реконструкција на основни  и за средни училишта за 2021 година, на предлог на Министерството за образование и наука. Согласно програмите, се планира распределба на средства за градби и реконструкции, стручно технички надзор во процесот на градежните активности, обезбедување на техничка документација, податоци и услуги од страна на јавни институции и средства за непредвидени работи и вишоци за училишни објекти за основни училишта и средни училишта во рамките на обезбедените средства во Буџетот на Република Северна Македонија за оваа година.
За Програмата која се однесува на основните училишта се планираат средства за реализација во вкупен износ од 328.080.000 денари кои меѓу другото се однесуваат и на изградба на нови училишта во селата Батинци, Мала Речица, населба Визбегово, село Долно Блаце, Општина Чаир-Скопје, како и реконструкција и доградба и надградба на постојни училишни објекти, со  техничка и подготвителна документација. Во однос на Програмата за изградба и реконструкција на средни училишта за 2021 година се планирани средства за реализација во вкупен износ од 19.700.000 денари, кои се распределуваат за реконструкција, доградба и подготовка на стручна документација за повеќе средни училишта во Тетово, Прилеп, Свети Николе, Штип. Владата на седницата ја усвои и Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот од 2021 до 2027 година, откако ја разгледа и усвои Информацијата за Предлог-националната стратегија за земјоделството и рурален развој за периодот од 2021 до 2027 година. Од оваа област беа усвоени и програмите за 2021 година и тоа: за развој и унапредување на ловството и за одгледување и заштита на дивечот во репроцентрите, за спроведување на мониторинг во областа на производството, реработката, складирањето, дистрибуцијата, употребата и сообразноста на ѓубрињата, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата, како и контрола на квалитетот на ѓубрињата, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата за 2021 година. На седницата се разгледани и се донесени одлуки за давање согласност на Информацијата за Предлог - Годишната програма за работа и на Предлог - годишниот финансиски план за 2021 година и Информацијата за предлог-Среднорочна програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за 2021-2023 година на Фондот за иновации и технолошки развој.лв/

Остани поврзан