• среда, 25 декември 2024

Изградбата на коридорите, економијата и напредокот во евроинтеграциите, во фокусот на „Рамо до рамо“ на СДСМ

Изградбата на коридорите,  економијата и напредокот во евроинтеграциите, во фокусот на „Рамо до рамо“ на СДСМ

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Владата предводена од СДСМ, како ниту една претходна, инвестира во важни стратешки проекти кои се чекале со децении, соопшти вечерва потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи пред граѓаните на Кичево, како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ.

- Еден таков проект е изградбата на делниците од коридорите 8 и 10Д, вреден 1,3 милијарди евра, пари од граѓаните за граѓани, пари од кои најмалку 51 отсто ќе завршат директно во македонски компании. Покрај подобро поврзување со западниот и источниот сосед, подобро поврзување меѓу општините од овој дел на државата, изградбата на делниците ќе донесе и придобивки за економијата, односно се очекува номинален раст на БДП од два отсто годишно само со изградбата на патиштата, порача Битиќи. Порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ брзо да донесе одлука на која од собраниските комисии ќе се разгледува Договорот за патиштата со цел, како што рече, сите шпекулации да престанат.

Потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, пак, имаше средби со граѓаните на Струга, на кои се осврна на успешните на политиките на СДСМ на меѓународен план кои донесоа членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, со заштитен македонски јазик, идентитет и посебност.

- Додека ВМРО-ДПМНЕ лажеше и ширеше хистерија дека македонскиот јазик ќе стане бугарски дијалект, ние, не само што го заштитивме нашиот јазик, туку и воведовме Ден на македонскиот јазик и го унпаредуваме јазикот со Закон за употребата на македонскиот јазик, истакна Костадиновска Стојчевска. Таа посочи дека законот се заснова на подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард.

- Опозицијата зборуваше за Блаже Конески како за „џуџето од Небрегово“, а ние воведуваме државна награда Блаже Конески, за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, рече потпретседателката на СДСМ Костадиновска Стојчевска.

Рамо до рамо со граѓаните на Дебарца беше Благојче Стојчeски, кој со граѓаните зборуваше за економските политики на Владата предводена од СДСМ, со кои минималната плата е покачена на 20.175 денари, од нецели 9.000 во 2017 година, пензиите забележаа рекорден раст од 8,4 проценти, за дополнителна заштита на стандардот на граѓаните, цените на основните прехранбени продукти се намалени и замрзнати.

Секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ, заедно со Славица Кутиров беше меѓу граѓаните на Дебар, каде пред присутните зборуваше за придобивките од напредокот во евроинтеграциите и почетокот на преговорите со ЕУ.

- ЕУ  не препознава како лидери во регионот по искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, со висок процент на искористеност од 98 отсто. Затоа заслужено сме наградени од страна на Европската комисија со дополнителни 62 отсто неповратна ЕУ поддршка за новата ИПАРД 3 програма 2021 – 2027 година. Тоа значи неповратни 97 милиони евра европски средства се ставаат на располагање за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство, истакна Маричиќ.

Во Центар Жупа меѓу граѓаните беше Оливер Спасовски заедно со членката на ИО на СДСМ Мелиса Ценовска Серафимовска.

- За да го заштити стандардот на граѓаните СДСМ преку пратениците во Собранието предложи измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување со кои ја ограничуваме каматата да не може да биде поголема од долгот.  Тоа значи дека кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече. Со ова ставаме крај на огромните каматни стапки со кои се нарушуваше стандардот на граѓаните и се туркаа кон должничко ропство. Очекувам сите пратеници да дадат поддршка на овие законски измени со цел тие побрзо да бидат побрзо донесени, порача Спасовски во Центар Жупа. мд/аа/

Фото: СДСМ

Остани поврзан