Изгаснат пожар во Старата прилепска чаршија
- Рано изутрината изгоре дуќан во Старата прилепска чаршија. Брзата интервенција на пожарникарите спречи го0лема опасност да ги зафати другите дуќани и чаршијата.
Прилеп, 2 јули 2024 (МИА) - Рано изутрината изгоре дуќан во Старата прилепска чаршија. Брзата интервенција на пожарникарите спречи го0лема опасност да ги зафати другите дуќани и чаршијата.
Пожарот околу 5 часот бил забележан од работник од ЈП „Комуналец“ кој веднаш ја известил противпожарната единица.
- Интервениравме со три возила и брзата интервенција беше клучна, зашто постоеше огромна опасност огнената стихија да ја зафати Чаршијата, односно повеќето дуќани зашто сите се еден до друг, изјави Кристијан Момироски, командир на прилепската противпожарна единица.
Во прилепската локална самоуправа за ова и за состојбата со пожарите во Прилепскиот регион состанок одржа Општинскиот кризен штаб.
Од локалната самоуправа информираат дека треба да се ажурира списокот на обучени лица.
- Беше констатирано дека под итно е потребно ажурирање на списокот на обучени лица кои во итни случаи би помогнале при гаснење пожари на отворено и спречување на палењето на стрништа, преку легитимирање на лица кои се движат во поле или шума и заемна соработка со околните општини за заедничко дејствување, соопштуваат од локалната самоуправа во Прилеп.
Според Момироски, поради жештините, во јуни енормно е зголемен бројот на пожари на отворено во споредба со лани. Ако лани биле два, годинава во јуни биле 40 пожари. Во моментов нема активни пожари. ем/ир
Фото: МИА