• четврток, 26 декември 2024

Изгаснат пожарот кај гевгелиското село Моин

Изгаснат пожарот кај гевгелиското село Моин
Гевгелија, 29 јули 2020 (МИА) - Пожарот што избувна вчера во попладневните часови во месноста „Срнак“ кај селото Моин, во вечерните часови бил локализиран и изгаснат од страна на пожарникарите и шумските работници, потврдија денеска од ТППЕ Гевгелија. Пожарот почнал од една нива кај моинскиот краварник, од спротивната страна на Конска река, но со помош на ветерот од запалената сува трева брзо се ширел на кај селото и објектот на поранешната караула кои со брза интервенција на три противпожарни возила,присутните пожарникари и шумски работници биле заштитени од огнот. Освен сувата трева, огнот зафатил и нискостеблеста шума, најмногу прнар и до моментот на неговото гаснење се проценува дека ја изгорел вегетацијата на површина од 12 хектари. Утрово на местото на пожарот замина екипа од Шумското стопанство од Гевгелија, која уште го набљудува опожарениот терен, но велат дека повеќе не се појавил активен оган и дека жителите на селото Моин може да бидат спокојни. Со оглед на фактот дека пожарот почнал од нива, се претпоставува дека е причинет од човечки фактор.им/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан