• сабота, 23 ноември 2024

Извори за ДПА: Саудиска Арабија и други земји претставија потенцијален план за мир во Украина

Извори за ДПА: Саудиска Арабија и други земји претставија потенцијален план за мир во Украина

Ријад, 6 август 2023 (МИА) - Саудиска Арабија и неколку други земји ги предложија контурите на потенцијалниот мировен план за војната во Украина на Самитот што се одржува викендов во Џеда, изјавија за ДПА дипломати кои се во тек со денешните разговори.

Официјални лица од околу 40 земји, вклучувајќи ги Украина, САД, земјите од Европската унија и Кина се состанаа во крајбрежниот град Џеда, а Русија не беше поканета да присуствува.

Саудиска Арабија, која го организираше и беше домаќин на состанокот, рече дека целта е да се најде „политички и дипломатски начин“ за ставање крај на војната против Украина.

Саудиска Арабија, која одржува добри врски и со Русија и со Украина, не откри кои земји учествуваат на состанокот.

Извори за ДПА изјавиле дека саудиските домаќини ја информирале Русија за напредокот на разговорите, но не дале дополнителни детали.

Претставниците на некои земји денеска одржаа билатерални состаноци на маргините на разговорите.

Според изворите, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан се состанал со шефот на канцеларијата на украинскиот претседател, Андриј Јермак.

Можните контури на мировниот план се повик за прекин на огнот на сите фронтови и мировни преговори со посредство на Обединетите нации меѓу Русија и Украина, посочија дипломатите, но не кажаа кои земји освен Саудиска Арабија ја поддржале идејата, јави ДПА.

Планот, според изворите, ќе се заснова на зачувување на територијалниот интегритет на Украина и исто така повикува на размена на воени заробеници. Јавна потврда за предлогот нема. мс/

Остани поврзан