• петок, 27 декември 2024

Извидници од Кавадарци ќе учат да готват во рурални средини 

Извидници од Кавадарци ќе учат да готват во рурални средини 
Кавадарци, 29 септември 2022 (МИА) - Извидничкиот одред „Авантуристи" од Кавадарци попладнево информираше дека е започнат нов проект „Компас - Извидничка образовна програма“ целосно поддржан од општинскиот буџет на Општина Кавадарци. Проектот ќе опфати повеќе од 150 деца од пет основни училишта во Кавадарци, каде преку извидничката програма и неформалната едукација ќе учат за извидништвото, извидничките јазли, видови огништа, извиднички вештини. Од „Авантуристи" информираа дека вкупно ќе се реализираат 54 работилници на кои учениците ќе имаат можност да се запознаат и да го усовршуваат своето знаење. Набавена е комплет опрема за кампување која ќе се користи за повеќе активности. - Ќе се реализираат две кампувања во две рурални средини каде учесници на кампот ќе бидат деца и млади од Кавадарци и локалното население, кои заедно во инклузивна средина ќе живеат заедно, работат, споделуваат, готват, учат и другаруваат. Исто така тие сами ќе подигаат шатори, камп зона, ќе готват јадење, поточно тоа ќе им биде еден вид на преживување во рурални средини со надзор и менторство од поискусните и повозрасните. Преку ваквите настани, учесниците стекнуваат емпатија, учат на дисциплина, заедништво, другарство, тимска работа и многу друго, нагласија од „Авантуристи". Оттаму најавија дека општината Кавадарци првпат по 30 години ќе биде домаќин на национална извидничка активност, на која ќе учествуваат повеќе од 200 деца од цела држава. - Исто така преку овој проект ќе се организира извиднички караван во градскиот парк во општината Кавадарци, преку сет од атрактивни и адреналински активности на отворено, за промоција на можностите за најмладите во општината. Благодариме на целиот тим што го поддржа овој проект и ни овозможи да го дигнеме на повисоко ниво извидништвото во општината Кавадарци и со тоа да создадеме подобар свет, децидни беа од извидничкиот одред. свд/цр

Остани поврзан