• четврток, 26 декември 2024

Извештај: Членките на ЕУ преземаат акции против антисемитизмот, но состојбата за Евреите во Европа драматично се влоши

Извештај: Членките на ЕУ преземаат акции против антисемитизмот, но состојбата за Евреите во Европа драматично се влоши

Брисел, 14 октомври 2024 (МИА) - Поголемиот број од земјите членки на ЕУ презедоа акции против антисемитизмот, но од ланските напади на Хамас врз Израел состојбата за Евреите во Европа драматично се влоши, се оценува во првиот Извештај на Европската комисија за напредокот во имплементацијата на Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот и поттикнување на еврејскиот начин на живот за периодот 2021-2030 година објавен денеска.  

Според потпретседателот на ЕК за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас, по усвојувањето на Стратегијата во ноември 2021 година, Комисијата и земјите членки на ЕУ како никогаш порано воведоа конкретни мерки за справување со антисемитизмот, поттикнување на еврејскиот начин на живот и за сеќавање на Холокаустот.  

- Сепак, ситуацијата за Евреите во Европа драматично се влоши. Треба да дадеме се од себе за да обезбедиме дека сите Евреи Европејци можат да ги живеат своите животи ослободени од страв, додаде Схинас. 

Во Извештајот се посочува дека 23 земји членки на ЕУ изработиле национални стратегии за борба против антисемитизмот, 20 именувале специјален пратеник или национален координатор за борба против антисемитизмот, а 25 ја прифатиле или поддржале работната дефиниција за антисемитизам на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот. 

- Сепак, од нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, антисемитските инциденти вртоглаво се зголемија низ Европа. Затоа, определбата за борба против антисемитизмот во ЕУ е порелевантна од кога било досега, се наведува во Извештајот .  

Европската комисија потсетува дека како дел од напорите за забрзување на имплементацијата на Стратегијата, обезбедила финансиски средства за зголемување на безбедноста на еврејските објекти, развила мрежа на организации специјализирани за борба против антисемитизмот онлајн и го поддржала формирањето на „Мрежата на места каде се случи Холокаустот“. 

ЕК најави и дека утре Советот на ЕУ ќе усвои нова декларација за поттикнување на еврејскиот начин на живот и за борба против антисемитизмот, со што ќе се покаже посветеноста на земјите членки на Унијата за борба против антисемитизмот ширум Европа. сп/ 

Фото: ЕК 

Остани поврзан