Извештај на Центарот за развој на медиуми: Во третиот квартал од годината нема поместувања околу медиумското законодавство и медиумските реформи
- Немаше никакви поместувања околу медиумското законодавство или процесот на медиумски реформи од надлежното Министерство за дигитална трансформација, се вели во Третиот мониторинг извештај врз носителите на одлуки - АВМУ и Програмскиот совет на МРТ, што го спроведуваше Центарот за развој на медиумите.

Скопје, 26 март 2025 (МИА) - Немаше никакви поместувања околу медиумското законодавство или процесот на медиумски реформи од надлежното Министерство за дигитална трансформација, се вели во Третиот мониторинг извештај врз носителите на одлуки - АВМУ и Програмскиот совет на МРТ, што го спроведуваше Центарот за развој на медиумите.
Овој извештај, подготвен со поддршка на институционален грант од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy – EED), го опфаќа периодот од 1 јули до 30 септември 2024 година. Во овој период, се посочува во извештајот, носителите на одлуки се занимавале со консолидација на новото владино мнозинство, а надлежното Министерство за дигитална трансформација беше фокусирано на одвојувањето на ресорот од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација.
- Реформите во медиумскиот сектор во државата, иако одамна препознаени како потреба, никако да почнат. Последниот неуспешен обид го вклучуваше и проектот на ЕУ, фокусиран на хармонизацијата на националното законодавство со правното наследство на ЕУ, но во втората фаза и на сеопфатна реформа на медиумското законодавство во државата, се вели во извештајот.
Притоа, како што се нагласува, според јавните настапи на министерот Стефан Андоновски, неговиот ресор ќе биде концентриран, пред сè, на прашањата поврзани со дигитализацијата на јавните услуги и борбата против кибер-заканите.
- Медиумите, особено прашањето на продолжувањето на реформите на медиумското законодавство, остануваат во втор план. Во интервјуто за „360 Степени“ на МРТ (8 јули 2024 година1), министерот Андоновски рече дека се надева дека ќе се најде трајно решение за изборот на новите состави на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ. Во контакти со претставници на МДТ, новинарите и претставниците на заинтересираните страни добиваа уверување дека Министерството нема намера да регулира, туку да работи преку дијалог на идентификација на решенија што ќе произлезат од медиумската сцена и што ќе обезбедат минимум стандарди за електронските медиуми, се вели во забелешките во извештајот.
Во препораките на мониторинг извештајот се вели дека треба што поскоро да започне процесот на јавни консултации и поднесување на комплетно ново законодавство, наместо да се прават мали законски интервенции првенствено како резултат на притисок и лобирање на одделни интересни групи во медиумската заедница. Посочуваат дека останува и препораката што поскоро да се разреши ситуацијата во врска со (не)изборот на новите состави на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ, поради улогата што двете тела ја имаат во натамошниот тек на медиумските реформи во јавната и во комерцијалната радиодифузија.
- АВМУ произведува одлични анализи и други документи од областа на своите надлежности. Пример за тоа се анализите на пазарот на аудиовизуелни медиумски услуги. Често таквите анализи се преточуваат во политики, особено во областите како што се промоцијата на медиумската писменост, следењето на говорот на омраза, итн. Сепак, не сме забележале случај Советот да расправа за постоечките политики во однос на својата централна компетенција, регулирањето на пристапот до платформите за емитување и издавањето на дозволи за емитување. Во ситуација во која одамна е прифатено дека основните проблеми со нашиот радиодифузен сектор лежат во фактот дека пазарот е презаситен и неодржлив, Советот на АВМУ мора да го разгледа тоа прашање и да усвои некаква политика за решавање на тие проблеми.
Главните забелешки за МРТ се однесуваат на јавноста во работењето на Програмскиот совет. Продолжува праксата седниците на Програмскиот совет да не се најавуваат, па, како што се посочува, заинтересираните за следење на седниците да можат да обезбедат присуство. Оттаму, се вели во извештајот, и покрај јасните законски обврски и наспроти фактот дека тој ги претставува интересите на јавноста во јавниот радиодифузен сервис, ПС на МРТ ни оддалеку не обезбедува јавност на својата работа.
За Програмскиот совет на МРТ препорачуваат редовни најави на закажаните седници на сите платформи што и се достапни на МРТ (веб-страница, програмски сервиси). -Преуредување на веб-страницата на МРТ со креирање на посебна секција за Програмскиот совет (но и генерален ремонт на веб-страницата за да стане попрегледна и полесна за користење). Кон записниците од седниците, да се приложат и документите што биле разгледувани на секоја одделна седница. фф/бак/
Фото: МИА Архива