Извештај на Стејт департментот за човекови права во Северна Македонија: Сериозна владина корупција и насилство врз новинари
- Сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари, се регистрирани во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
Вашингтон, 22 април 2024 (МИА) - Сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари, се регистрирани во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
Извештајот наведува дека законот предвидува кривични казни за корупција од страна на функционери, но оти владата не го спровела ефективно.
- Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата, создава широки можности за корупција, се вели во документот.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала дека корупцијата генерално се влошила.
Извештајот нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. ОЈО Скопје покрена истрага за наводите дека персоналот на Државната клиника за онкологија крадел лекови за рак и ги продавал на црниот пазар. Граѓаните во многу наврати протестираа поради овие наводи, а полицијата и обвинителството на 1 септември упаднаа во клиниката за да соберат докази“.
Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, стои во извештајот.
- Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото, забалежува Стејт департментот.
Анкетите покажаа силна недоверба на јавноста кон судството, се посочува во извештајот. „Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Според медиумите и граѓанските организации, слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Независните медиумски здруженија изразиле стравување во врска со предложените измени на Законот за аудио и аудио-визуелни услуги, кои би можеле да дозволат владини кампањи од „висок јавен интерес“ да се рекламираат преку комерцијалните радиодифузери. Критичарите тврдат дека ова може да ја влоши медиумската корупција и уредувачкото мешање, вели извешатјот.
Медиумскиот синдикат известил за случаи на притисоци и закани врз членовите поради спротивставување на овие амандмани.
- Законот забранува говор кој поттикнува национална, верска или етничка омраза и предвидува казни за прекршоци. Покрај телевизијата и социјалните медиуми, овие ограничувања ги опфатија печатените и радиодифузните медиуми, објавувањето книги и онлајн весниците и списанијата. Владата презеде ограничени чекори за да ги идентификува и казни службениците кои можеби извршиле кршење на човековите права, забележува извештајот.
Во однос на заштитата на припадниците на расните или етничките групи од насилство и дискриминација, извештајот регистира оти коалицијата Маргини пријавила 24 случаи на прекршувања кон Ромите во однос на пристап до здравје, социјална заштита, пристап до добра и услуги, заштита од родово засновано насилство и несоодветно внесување податоци во лични документи.
Во извештајот се вели и дека министерот за правда ги затворил бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња.
Стејт департментот ја нотира состојбата со човековите права во речиси 200 земји и територии низ светот.
Властите на Бугарија продолжиле да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, извештајот вели дека законот предвидува право на слобода на здружување и оти владата генерално го почитувала, но оти „властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров““.
„И покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, се наведува во извештајот.
Во него се додава дека во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврдил одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив, со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт.
Во мај, Апелациониот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд, нотира извештајот на Стејт департментот.
Фото: МИА архива