• четврток, 26 декември 2024

Извештај на ЕК за владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ

Извештај на ЕК за владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ
Брисел, 20 јули 2021 (МИА) - Европска комисија денеска го објави вториот извештај за владеењето на правото во Европска Унија. Во извештајот се наведува дека има многу позитивни движења во земјите-членки, но и се изразува загриженост поради независноста на судството и состојбите во медиумите во одредени држави. Извештајот за владеењето на правото во земјите-членки за 2021 година се заснова на методологија и на претходниот извештај, а во фокусот се четири клучни елементи: правосудните системи, рамка за борба против корупцијата, медиумски плурализам и слобода на медиумите, како и други институционални прашања поврзани со системот на проверка и рамнотежа. - Речиси сите земји-членки преземаат реформи во своите правосудни системи, но помеѓу нив постојат разлики во опсегот, обликот и напредокот, се наведува во Извештајот. ЕК посочува дека и пандемијата со Ковид-19 покажа дека е потребна модернизација и дигитализација на правосудните системи. Во извештајот се истакнува и дека земјите-членки на ЕУ се меѓу најуспешните во светот во борбата против корупцијата, а десет членки се наоѓаат меѓу првите 20 на листата најмалку корумпирани држави. Но, и покрај тоа постојат предизвици посебно поврзани со кривичните истраги, кривичниот прогон и примената на санкции за корупција во неколку земји-членки на ЕУ. - Важни или многу сложени случаи на корупција и понатаму се појавуваат во различни земји-членки, во некои земји ресурсите наменети за борба против корупцијата не се секогаш соодветни, додека во други сè уште постојат сомнежи за ефективноста на истрагите, гонењата и осудувањата во случаи на корупција. на високо ниво. Генерално, пандемијата ги забави реформите и одлучувањето во случаи на корупција во некои земји-членки, се истакнува во Извештајот. За плурализмот во медиумите и слободата на медиумите, во извештајот се забележува дека пандемијата со Ковид-19 ги става новинарите и медиумските работници под голем притисок. - Медиумите имаат клучна улога во информирањето на граѓаните за време на пандемијата, иако ограничувањата им ја отежнуваа работата на новинарите. Пандемијата исто така беше причина за сериозни економски проблеми во медиумскиот сектор, поради што некои земји-членки усвоија програми за поддршка на информативните медиуми. Таквата поддршка мора да се примени на транспарентен и фер начин, се посочува во извештајот. Алатката за следење на плурализам на медиумите (Media Pluralism Monitor) 2021. – клучен извор на информации за извештај на владеењето на првото, покажува влошување на општата ситуација на новинарите во неколку земји-членки, како и дека регулаторните тела за медиумите не се ослободени од политичко влијание и постои голем ризик од политичко мешање во медиумите во некои земји-членки. Во Извештајот се посочува дека системот на проверка и рамнотежа на национално ниво, вклучителни и парламентите, судовите, омбудсманите и другите независни тела, одигра клучна улога за врема на памдемијата, што беше тест за отпорноста на владеењето на правото. Како предизвици се посочени законодавните постапки, како што се нанадејни измени и забрзани постапки или оцена на уставноста. Во извештајот се наведува и дека во одредени земји-членки цивилното општество се соочува со сериозни предизвици, како закани од страна на власта, неадекватна заштита од физички и вербални напади или заштита на основните права. Тоа е влошено за време на пандемијата. - Неодамнешните настани предизвикаа загриженост и за почитувањето на надреденоста на правото на ЕУ, што е од клучна важност за функционирање на правниот поредок на ЕУ и еднаквост на земјите-членки, се истакнува во Извештајот. ЕК ги повикаува Советот на ЕУ и Европскиот парламент врз основа на Извештајот да одржат дебата за владеењето на правото воопшто и по земји-членки, а националните парламенти и другите клучни учесници да продолжат со интензивирање на расправата на национално ниво. ЕК исто така се апелира до земјите-членки да преземат ефективни активности за идентификуваните предизвици во извештајот. ми/

Остани поврзан