• четврток, 26 декември 2024

Извештај на БИРН: Во Северна Македонија во пораст кршењето на дигиталните права

Извештај на БИРН: Во Северна Македонија во пораст кршењето на дигиталните права

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Во Северна Македонија во периодот од септември 2022 година до август 2023 година забележано е зголемување на кршењето на дигиталните права, велат податоците од Извештајот на БИРН за кршење на дигиталните права за земјите од регионот, кој денеска беше претставен во Сараево.

Во Извештајот во кој биле опфатени Албанија, БиХ, Хрватска, Унгарија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија и Турција, БИРН за споменатиот период регистрирала 1.427 случаи на кршење на дигиталните права, што е речиси двојно повеќе од претходниот број од 782 случаи.

БИРН забележува дека во земјава се регистрирани 144 случаи на прекршување на дигитални права, од кои најголем број на жртви се граѓаните - 104, а потоа следуваат државните институции - 25 и јавните личности - 14.

-Во Северна Македонија е забележан континуиран говор на омраза со етнички мотиви, како и дискриминаторски изјави насочени кон ЛГБТ заедницата. Тука спаѓа и говорот на омраза што на Фејсбук го шири ТВ водителот Миленко Неделковски во врска со новинар со албанско потекло. Во 2022-2023 година, БИРН забележа ескалирачки број на онлајн измами и прекршување на податоци во Северна Македонија. Ова беше придружено со невиден пораст на сајбер криминалот, особено во форма на хакерски напади насочени кон веб-страниците на јавните и владините институции. Во 2023 година забележани се и дојавите со лажни бомби, главно насочени кон училиштата во земјата преку е-пошта и го попречуваа образовниот процес за средношколците во поголемиот дел од учебната година, се вели во Извештајот.

Последниот извештај на БИРН за кршење на дигиталните права за земјите од регионот укажува на зголемување на кршењето на дигиталните права низ регионот, особено во време на криза. Повеќето случаи на прекршување на овие права вклучуваат говор на омраза, дискриминација, дигитална манипулација и компјутерска измама. фф/аа/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан