• четврток, 26 декември 2024

Извештај во сенка за спроведување на Стратегијата за Роми од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

Извештај во сенка за спроведување на Стратегијата за Роми од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

28 декември 2023 

Речиси секој град во Македонија има супстандардни населби во кои живее ромско население, покажува Извештајот во сенка за спроведувањето на Стратегијата за Роми реализиран од Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико. Во Извештајот се идентификувани 15 супстандардни населби од кои повеќе од пет се лоцирани во Град Скопје, во општините Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари. Овие населби - Ќерамидница, Брсјачка Буна, Кванташки пазар, Злокуќани, Топанско Поле и Лука Геров се составен дел на општините каде што се населила заедницата, честопати препознаена дека живее на почетокот на населбата „таму каде што завршува асфалтот“. Овие заедници се најранливи и најмногу ги чувствуваат последиците од климатските промени и како мерка за ублажување на климатски промени, државата мора да има и механизам за заштита на овие ранливи групи граѓани.

„Како резултат на не-урбанизирањето на населбите каде што живее Ромската заедница, ваквите населби немаат основна инфраструктура, луѓето живеат во несоодветни живеалишта, живеалиштата не се легализирани, луѓето најчесто се со нерегулиран граѓански статус, се развива животна средина која е загадена и дополнително негативно влијае врз здравјето и придонесуваа за намален живот век на ромската заедница. Овие супстандардни населби добиваат на значење во последните години, честопати од реакциите од населението поради загаденоста на воздухот и создавањето диви депонии, каде што градските власти пишуваат казни или присилно ги уриваат ваквите населби. Супстандардните населби создаваат заедници кои се невидливи за општеството“, вели Алберт Мемети, одговорен за Истражувањето.

Од „Полиси брифот за урбаното живеење и подобрување на животот“ може да се заклучи дека најкритични се населбите Ќерамидница во општина Гази Баба, населбата Злокуќани во општина Карпош и дел од Топаана во општина Чаир. Овие населби се долгорочно населени населби со нејасен сопственички статус, живеалиштата не се легализирани, одредени делови немаат приклучок до основна комунална инфраструктура, додека населението живее во импровизирани живеалишта. Имајќи во предвид дека горенаведените општини немаат развиено Локални акциски планови, првиот чекор е да се пристапи кон нивно креирање; вклучување во процесот на урбанизација и развивање на инфраструктурата.

Според него, постигнувањето одржлив урбан развој на супстандардните населби во општините е проблем кој се провлекува повеќе од 20 години и кој низ текот на годините придонел за целосна исклученост на дел од Ромската заедница од сите општествени текови.

„Целта на овој документ за јавни политики е да поттикне јавна дебата и да ги поттикне централната и локална власт кон креирање програми на локално ниво кои што ќе се насочат кон подобрување на условите за живот и урбанизација на населените места каде што живее ромската заедница во Град Скопје. Документот за јавни политики подготвен со користење на примарни податоци добиени преку анкетен прашалник на 152 семејства во општините – Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Чаир и Шуто Оризари може да се најде на овој линк, додава Мемети.

Истражувањето е реализирано во април до мај 2023 година со опфат од 152 семејства, односно 529 лица. Околу 74% од живеалиштата во овие населби постојат повеќе од 5 години, што укажува на фактот дека се со постоење подолг временски период. Околу 2% од живеалиштата се само со временски период на постење од 1 година, што дава индикации дека не се зголемува бројот на живеалишта.

„Најголем дел од живеалиштата кои не се легализирани се во Злокуќани, општина Карпош 12% и следи Лука Геров со 8%. Од живеалиштата кои што не може да се легализираат најголем дел 15% се наоѓаат во Ќерамидница, општина Гази баба, додека 2% од живеалиштата во Злокуќани. Неможноста да се легализираат овие живеалишта е поради тоа што нема урбанистички план и овие населби имаат и лоша инфраструктура. Предметите во постапка на легализација се поднесени во периодот 2009 – 2015 година. Речиси повеќе од 10 години лицата чекаат да добијат решение за статусот на нивните живеалишта, што е голем временски период и ги става во неизвесност и несигурност лицата и нивните семејства поради ризик од рушење на нивните живеалишта“, завршува Мемети.

Во однос на сопственоста на живеалиштата, во најголем број речиси 68% се сопствени живеалиште, 11% импровизирани живеалишта, додека 21% се под кирија. Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Затоа секој граѓанин е подеднакво должен да го штити, чува и унапредува природниот екосистем.

Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико

________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан