• среда, 18 декември 2024

Извештај: Бундесверот е во лоша состојба

Извештај: Бундесверот е во лоша состојба

Берлин, 12 март 2024 (МИА) -  Германскиот Бундесвер се соочува со проблеми поврзани со стареење и недоволно персонал, се вели во извештајот за вооружените сили што го презентираше Ева Хогл комесарка на Бундестагот за Бундесверот.

„Бундесверот се намалува и старее“. Мора да ја зголемиме атрактивноста на германските вооружени сили во најкус можен рок“, рече Хогл  за време на презентацијата на редовниот годишен извештај за состојбата на воените сили во Бундестагот.

Според тој извештај, 181.514 војници служеле во Бундесверот во 2023 година, што е за 1.537 помалку отколку во 2022 година. Според Хогл, опаѓа и бројот на заинтересирани за воена служба.

„Над 20.000 позиции во вооружените сили останаа непополнети минатата година“, рече Хогл. Лоша е состојбата и кога се работи за инфраструктурата и касарните. „Тушевите се во катастрофална состојба, собите за спиење се дотраени, а кујните во некои случаи се затворени со години“, се вели во извештајот.

„Состојбата во која се наоѓаат зградите е делумно срамна и несоодветна за службата на војниците“, вели социјалдемократската политичарка. Во „загрижувачка“ состојба е и воената опрема, се наведува. „Има недостиг од муниција, резервни делови и опрема, рече Хогл.

Таа посочи дека од 100 милијарди евра што германската влада ги издвои за итен фонд за Бундесверот по рускиот напад на Украина, две третини веќе биле однапред резервирани за некои проекти и дека веќе е очигледно дека тие 100 милијарди не би биле доволни за модернизација на Бундесверот.

„Зголемувањето на воениот буџет за неколку милијарди евра годишно ќе биде неизбежно“, посочи таа. Во извештајот се критикуваат и „непотребните бирократски процеси“ во Бундесверот.

Во извештајот се споменуваат и 204 дисциплински прекршоци со радикално десничарско потекло, но се заклучува дека тоа е многу мал број во споредба со бројот на војници. зш/

Остани поврзан