• сабота, 21 декември 2024

Извештајот од крим техника за пожарот во тетовската болница е завршен

Извештајот од крим техника за пожарот во тетовската болница е завршен
Скопје, 1 октомври 2021 (МИА) - Извештајот од Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово денеска е пристигнат во Основното јавно обвинителство Тетово. Како што информираат од ОЈО, извештајот ќе биде разгледан и анализиран од страна на обвинителите, а се очекува да пристигнат и извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки. - Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика, информираат од ОЈО. Од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот на 8 септември во модуларната КОВИД болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, ќе зависи и одлуката на премиерот Зоран Заев, за понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот Илир Хасани и двајцата директори на Тетовската болница. Премиерот Заев, денеска изрази очекување дека форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се при крај и ќе бидат објавени час поскоро. – Колку е поскоро, толку подобро, за да ги решиме сите дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности. Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик-министерот…., рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новите деловни простории на „Пивара“ Скопје. Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти. аа/ац/

Остани поврзан